Уставниот суд ја отфрли иницијативата на Левица за платено политичко рекламирање, Левица обвинува за партизација на Судот
Мнозинството уставни судии ја отфрли иницијативата на Левица за распределбата на медиумскиот простор и државните пари за изборно рекламирање. Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за Изборниот законик по иницијативата поднесена од партијата Левица.
Во иницијативата се укажуваше на дискриминација при платеното политичко рекламирање, каде што најголемите партии добиваат најмногу медиумски простор и државни средства, за сметка на останатите кои се целосно исклучени од процесот.
Според претседателот на Уставниот суд, мнозинството судии го задржале истиот став како и пред три години, кога иста иницијатива беше поднесена од Демократскиот сојуз на Павле Трајанов. Сепак, Костадиновски изрази спротивно мислење, нагласувајќи дека ваквите законски одредби се неуставни и го загрозуваат плурализмот, со тоа што не обезбедуваат еднакви и фер услови за сите политички партии кои учествуваат во изборите.
Според Левица, Уставниот суд одлучувал политички, повикувајќи се на стара одлука и игнорирајќи го дискиминирањето кон нивната партија. Според нив, Уставен со поддршка од новоинсталираните кадри на власта, свесно затворил очи пред новата фактичка состојба и забелешките од бројни домашни и меѓународни институции.
-Оваа одлука мора да се чита политички! Уставниот суд денес не поведе постапка за една евидентна политичка дискриминација и цензура. Со тоа уште еднаш покажа дека е целосно неспособен да ја извршува функцијата за која постои. Наместо коректив на власта, Судот се претвора во нејзин продолжен апарат - продолжена рака на ДПМНЕ и чувар на статус квото во Македонија. Ако за ваков случај, со ваква промена на фактичката состојба и со сите укажувања од релевантните институции, нивниот одговор е дека „нема што да се разгледува“, тогаш навистина треба да се запрашаме што воопшто разгледуваат.
Според партијата, образложението на судиите дека останале на истиот став како и пред три години, кога одлучувале по иницијативата на партијата Демократски сојуз е неприфатливо, бидејќи денеска состојбата не е иста. Левица има своја парламентарна партија со своја пратеничка група, која надвор од двете најголеми политички групации останала без пристап до правото за политичко рекламирање.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
