Дурмиши: Потрошувачката кошничка е намалена - ССМ: Не ни покажаа како пресметале
Животот во септември бил поевтин отколку во август, пресмета државата. Министерот за економија Дурмиши, по седницата на Економско-социјалниот совет, рече дека просечната потрошувачка кошница за четиричлено семејство е намалена за над 350 денари и изнесува околу 58.100 денари.
Уверува дека нема местење на бројките. Посочи сека септемвриската кошница е за над 1.700 денари поскапа споредена со јануарската.
„Нашата цел не е да покажеме пониска бројка, туку да обезбедиме проверлива, транспарентна и статистички заснована слика за трошоците на домаќинствата“, рече Дурмиши.
Синдикатите, пак, не знаат како е направена пресметката.
„Не видовме цени, не видовме производи, едноставно само ги има ставките како што ги имаме ние, но ферски е пред граѓаните да излезат, да елаборираат што се има од ставки во таа кошничка чим е просечна. Само слушнавме дека нема курс, на пример, за дечињата за некој јазик. Ако тоа е просечна, децата да не одат на курс или спорт во месецот, тогаш нивната не е ни минимална, камо ли просечна“, изјави Иван Пешевски од ССМ.
Паралелно се следат и трговските маржи во маркетите. Дурмиши тврди дека засега нема неоправдано зголемување, но најави мерки доколку има потреба. Вели дека цените во моментов се стабилни, а инфлацијата најниска во Европа.
„Дали има криза? Да. Не велиме дека не, но секојдневно ги следиме податоците. Не сакаме да се случи, но ако излезат работите од контрола, тука сме да донесеме одлука како Влада“, рече тој.
На маса на Економско-социјалниот совет биле и празниците, неработните денови и работата во недела, но конкретен договор нема.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
