Две години од смртта на Александар Џамбазов

На денешен ден пред две години почина легендарниот диригент и композитор маестро Александар Џамбазов.
Денеска, неговиот син Игор, преку емотивна објава и раскажување на една интересна случка од детството, се потсети на својот татко.
- Две години без тебе стари. Ко два дена. Ама и како две столетија истовремено. Ти си мојот тато. Иако многу ретко те викав така. Уште од моите први улоги и снимања се договоривме дека ќе се викаме "колега". Се сеќаваш? Ти и јас во нашиот тегет Фиат 1300, чекаме на црвено на семафорите кај "Рубин кармин". На пешачкиот премин поминува една исклучително згодна жена. Ти ја измерка од глава до пети, ме погледна и ми рече: "А? Како теткава? Згодна е?". Веројатно сакаше да ја провериш мојата машкост, иако имав само седум-осум години. Јас, како од пушка одговорив: "Да". Ти ми се насмеа и се издиша истовремено. Ја изгледавме теткицата се додека не се изгуби во толпата. Кога конечно тргнавме ми кажа: "Ова на мајка ти нема да и го кажеш, така?" А јас ти одговорив: "Е нема де, нели сме колеги". И така станавме колеги. До крај. И засекогаш ќе останеш мојот омилен колега. Колега за сите времиња. П.С. Тања и јас сме добри. Тераме. Тука се' е по старо. Писмените се срамат дека се писмени. Неписмените се трудат да бидат уште понеписмени. И уживаат во тоа. Се' на се' стари, ништо не си пропуштил...- напиша Игор Џамбазов.
Александар Џамбазов е роден на 3 февруари 1936 година во село Стапар, Војводина, почина на 85-годишна возраст на 25 јануари 2022 во Скопје.
Џамбазов завршил музичка академија во Белград, а целиот работен век го минал во Македонската радио-телевизија, како диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар. Има реализирано безброј снимки и концерти во живо. Настапувал во земјава и во странство. Добитник е на над педесетина награди. Се категоризира во четвртата генерација македонски повоени композитори. Џамбазов е автор е на голем број детски песни. Беше иницијатор и долгогодишен диригент на фестивалот за деца „Златно славејче“ во Скопје. Пишувал сценска музика и филмска музика („Мементо“, за драмите „Мајка“, „Двајца на нишалка“ итн.) и повеќе дела од класичната музика, меѓу кои и „Рапсодија за Скопје“ – за пијано и оркестар (1966), „Седум танцови варијации“ – за пијано и оркестар (1977) и др. Компонирал и хорски композиции, како и голем број популарни мелодии.
Ново на Сител
-

СП 2026: Скандал – фудбалер бил уапсен поради местење натпревари
-

Вардар во конкуренција на шест екипи за четири вајлд карти од Лигата на шампионите
-

Пронајдени „значајни“ докази при претрес на домот на еден од осомничените за „Сараево сафари“
-

Сиљановска-Давкова ги прими ракометарите кои на 27. Светско првенство во ракомет за средношколци постигнаа историски успех
-

АНБ и МВР со акција против група поврзана со меѓународна терористичка мрежа, опфатени пет лица
-

Познати ривалите на македонските екипи и за втората рунда квалификации од Конференциската лига
-

Падна фасада од станбена зграда во Козле | ФОТО
-

MATTO FOR GOOD – хуманитарен бранч по повод 5 години Matto Napoletano
