Две и пол години казна затвор за вработената во МВР што фалсификувала возачки дозволи - Година и три месеци за двајца од возачите

Тројца обвинети во предметот за фалсификување возачки дозволи ја признале вината и добиле затворски казни во скратена постапка. На првообвинетата, вработена во Министерството за внатрешни работи, ѝ е изречена казна затвор од две години и шест месеци, додека второобвинетиот и третообвинетиот се осудени на по една година и три месеци затвор. За сите тројца е продолжена мерката притвор, информираа на брифинг во Основниот кривичен суд Скопје.
Предметот се однесува на незаконско внесување категории во возачки дозволи, нивно издавање и употреба. Од Судот појаснуваат дека станува збор за обвинителен предлог, и бидејќи нема оценка, веднаш е закажано рочиште. Тројца се недостапни, додека за тројцата коишто беа во притвор вчера се одржало рочиште, на кое признале вина и определени им се казни затвор.
Основното јавно обвинителство Скопје на 19 септември поднесе обвинителен предлог против шест лица за продолжено кривично дело „Фалсификување исправа“ по член 378 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Првообвинетата, вработена во Министерството за внатрешни работи како помлад советник за патни исправи во Одделението за управни работи во Скопје, во периодот од септември 2020 до август 2026 година, во повеќе наврати ги користела своите службени шифри за преправање возачки дозволи со внесување дополнителни категории, наведува обвинителството.
Останатите пет обвинети се возачи кои, иако немале положено возачки испит за категориите Ц и Д, во договор со службеничката поднесувале барања за издавање возачки дозволи во кои биле внесувани категории за кои не ги исполнувале законските услови.
За тројца обвинети кои се недостапни на органите на прогонот е предложено определување притвор по нивното пронаоѓање, а постапката против нив да продолжи во отсуство. Во рамки на истиот предмет, обвинителството продолжува со обезбедување докази против уште 21 лице осомничено дека било посредник или корисник на фалсификувани возачки дозволи, додека истрагата опфаќа и други можни злоупотреби поврзани со случајот.
МИА
Ново на Сител
-

Директор на „Државна лотарија“ на судењето негираше сознанија за влијание на Груби врз одлуките на Бајрами
-

Муцунски ја пречека Фон дер Лајен на скопскиот аеродром
-

Мицкоски: Вештачката интелигенција е технологија на сегашноста, Македонија треба да биде активен учесник
-

Нарачал 700 грама хашиш од Шпанија да му стигне по пошта во Тетово, го чекале да ја подигне па го уапсиле
-

Утре му истекува притворoт на Јованов - Обвинителството бара да се одбие гаранцијата од 195.820 евра
-

Путин: Наскоро сите ќе возиме кинески автомобили
-

Во Франција денеска ќе бидат затворени повеќе од 400 средни училишта поради протести на учениците
-

86 кг храна годишно по жител завршуваат во отпад од македонските домаќинства - глобално пропаѓаат над милијарда оброци дневно
