Македонија
28. April 2021 - 16:44

Џафери не дозволува опозицијата да формира повеќе пратенички групи

Спикерот Талат Џафери нема да дозволи ВМРО-ДПМНЕ да формира повеќе пратенички групи во парламентот како што највува лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Џафери вели дека ниту има правен основ за тоа ниту пак политичките прилики биле исти со оние кога претходно партиите ја користеле можностa за повеќе пратенички групи.

Според собранискиот Деловник пратеничка група формираат најмалку 5 пратеници од иста или различна партија и за тоа го известуваат спикерот.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ која располага со 44 пратеници ова е ново самоволие на Џафери. За СДСМ пак, повеќе пратенички групи е најава за нови блокади во Собранието.

Во парламентот има и 28 законски решенија кои се заглавени со стотици амандмани од опозцијата. Од ВМРО-ДПМНЕ пак, велат дека тие блокираат само 3 законски решенија. За пет закони поврзани со пензионирањето на 64 години преговараат со министерството за труд, а ќе има преговори и законот за клиничкиот центар. Останатите 20 закони се блокирани од Алијанса на Албанците и Алтернатива.

Малите партии од владејачкиот блок – ДОМ, ЛДП и Демократски сојуз пак, го реафирмираа барањето за отворени листи на локалните избори.