Еден тон јаболки дневно за струмичките основци
Од денеска во основните училишта во Струмица ќе бидат дистрибуирани по 5000 јаболка. Јаболката се наменети за сите ученици во општината од прво до деветто одделение, а ќе ги добиваат во рамки на проектот ,, Здрав оброк за секое дете,,. Секој ден од понеделник до петок децата ќе добиваат по едно јаболко или вкупно 1 тон дневно. Градоначалникот на општина Струмица вели дека се работи за ужина, односно овошје кое треба да иницира промени во начинот на исхраната на децата.
,,Мислам дека овој проект содржи многу потенцијал. Јас се надевам дека најправилно ќе биде разбран од родителите, педагозите и од наставниците и дека ќе придонесе во една заедница, заеднички децата да се стимулираат да ги променат своите навики и по здраво да се хранат. Секако, со тоа обезбедуваме еден по здрав развој на нашите деца, ги потсетуваме на она што би требало да биде навика која што ќе трае цел живот.,, - вели Коста Јаневски, градоначалник на Општина Струмица.
Секое дете јаболкото го добива во книжно ќесе на кое има и ознаки за употреба. Целта е покрај здравите навики за исхрана децата уште од мали нозе да стекнат и добри навики за однесувањето со отпадот.
До крајот на првото полугодие ќе бидат поделени 240 илјади јаболка или 48 тони. од општина Струмица информираат дека јаболката се македонско производство и се набавени од ресенскиот регион.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
