Македонија
28. јуни 2023 - 12:18

Едно лице загина во тешка сообраќајна несреќа во струмичко

47 годишен маж од струмичкото село Бориево го загуби животот во тешка сообраќајна несреќа која се случи доцна синоќа на магистралниот пат А4 кој води кон граничниот премин Ново Село, на делницата помеѓу селата Дабиле и Босилово. Според првичните информации до несреќата дошло откако две патнички возила „мерцедес“ и „фиат“ се судриле при разминување со нивните предни леви страни. Од ударот возилата излетале надвор од коловозот во околните ниви. Поради тежината на повредите возачот на мерцедесот починал.

„На делница помеѓу селата Дабиле и Босилово се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „мерцедес“, управувано од А.Ѓ47 од село Бориево, струмичко и патничко возило „фиат“, управувано од Р.М 31 од село Костурино, струмичко, двете со струмички регистaрски ознаки.

Од здобиените повреди во несреќата починал возачот А.Ѓ., а смртта ја констатирал лекар во Медицински центар Струмица, а возачот Р.М. се здобил со телесни повреди“, вели Александра Трајанова, портпарол на СВР Струмица.

Увид на местото на несреќата извршија јавен обвинител и увидна екипа на СВР Струмица, а причините поради кои се судриле двете возила ќе бидат познати по целосното завршување на истрагата. Поради несреќата сообраќајот на магистралниот пат Струмица-Ново Село синоќа неколку часа беше во прекин, а возилата се пренасочуваа по локалниот пат низ селото Сачево.