Едвај 300 граѓани дневно се вакцинираат против Ковид-19
Едвај 300 граѓани дневно во цела држава одат во диспанзерите за вакцина против Ковид-19. Најголем број од нив се за трета доза која се уште е неопходна за патување во странство. Разочарувачки се бројките и во главниот град каде во некои од поликлиниките во едно деноноќие трошат по само една вијала на Фајзер. Поразителниот одзив за вакцинација е причина стотици илјади дози да завршуваат во Дрисла каде 67 000 веќе се уништени а за 200 000 дози со поминат рок се чекаат одобренијата.
Од Министерството за здравство ни одговорија дека во моментот на располагање има 380 000 вакцини и согласно сегашниот интерес најголем број од нив ќе завршат во печката за палење бидејќи рокот на траење им е до крајот на јули. Во државата ќе стигнат и нови 200 000 дози од Фајзер согласно потпишаниот договор.
Во процес сме на набавка на дополнителни количини вакцини за деца и за возрасни, согласно проценките за потребите од страна на стручните лица, велат од МЗ.
Според извештаите на Институтот за јавно здравје, во земјата со трета доза вакцинирани има 158 000 граѓани а со две дози околу 850 000 изјади и Македонија е далеку од европскиот процент за постигнување на колективен имунитет.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
