Македонија
31. July 2025 - 16:47

„Едвај чекам“, рече Арсовска по најавите на Ганиу дека ќе ја тужи

Едвај чекам“ вака одговори Арсовска на најавите од градоначалникот на Чаир дека ќе ја тужи тврдејќи дека таа лаже за дивоградбите во неговата општина. На обвинувањата од Ганиу дека одработувала за ДУИ со цел негова дискредитација, Арсовска вели дека не станува збор за политика, туку желба за одговорност.

Тој криминалец нека тужи. Задоволство ќе ми биде да го соочам со сите овие докази на било каков начин или на било која платформа. Јас го барав и на дуел и на дебата и трчав тука пред Град Скопје кога сакаше да прави некоја герила да дефокусира со отпадот, да дефокусира од сопствениот криминал. Јас прифаќам секаде да се соочам со тој човек затоа што тој е криминалец. Тука нема политика, туку само желба некој кој направил лошо да одговара за истото“ Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје

Арсовска на брифинг со новинарите повеќе од три часа презентираше документи поврзани со, како што вели, дивоградби во Чаир. Нагласи дека ги провериле и останатите општини во градот.

Не постои ниту една друга општина во Градот Скопје којашто има ваков криминал од ваков размер направено. Ниту една. Позади тоа одговорно стојам. Доколку во сите останати 9 општини се платени комуналиите, се доставени проектните документации, се плаќани износи во коишто преку даноци и такси градот ги прибира и потоа ги дели со општината, ние не можеме да кажеме дека во ваков размер криминал се правел некаде“ Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје

Кон крајот на мај скопската градоначалничка достави документи за како што рече, незаконски легализации на дивоградби во Основното обвинителство, а минатиот месец однесе докази и во обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Минатата недела полицијата одзеде документација од Општина Чаир и Министерството за транспорт.