Македонија
30. January 2026 - 16:36

ЕК не гарантира кога ќе се надмине проблемот на камионџиите, Мицкоски очекува решение во февруари

Европската комисија и министрите од шесте земји од Западен балкан во вторник ќе бараат решение за проблемот на камионџиите. Ден по усвојувањето на новата визна стратегија, портпаролот на комисијата уверува дека се целосно посветени на оваа тема.
 
- Свесни за загриженоста што ја изразија транспортните оператори од Западен Балкан, внимателно ја следиме ситуацијата и во контакт сме со нашите партнери во регионот. Во средата се одржа средба меѓу Комисијата и амбасадорите на шесте земји од Западен Балкан во ЕУ, а за следната недела е закажан и дополнителен состанок со министрите од овие засегнати земји - рече портпаролот на ЕК за внатрешни работи, Маркус Ламерт.
 
Сепак, Ламерт не кажа кога точно може да се очекуваат новите правила.
 
За разлика од него, премиерот Мицкоски очекува завршница на овој проблем во февруари. 
 
- Важно е дека има неколку можни решенија, и очекувам да се катализира решение со кое ќе се надмине овој проблем, но тука не застануваат проблемите, следно е квотите за челикот. Така да проблеми има континуирано, проблемите се тука и ќе се решаваат. Овој проблем на транспортерите мора да се надмине и мислам дека од прилика се наѕира решението и очекувам тоа во рамките на следниот месец, односно на месец февруари да биде завршена работа – кажа Мицкоски. 
 
Вчера усвоената визна стратегија на Европската комисија за првпат ги препознава возачите на камиони како посебна категорија. Иако не нуди олеснување веднаш, документот остава простор за промени на правилото за престој од 90 дена во Шенген-зоната. 
 
По ова, транспортерите од Македонија и Црна Гора уште вчера ги прекинаа протестите, а денеска се повлекоа и превозниците од Србија. Блокади остануваат уште во Босна и Херцеговина и засега нема информација кога би биле прекинати.