Македонија
3. November 2021 - 12:31

Еко акција за пошумување на околината на Прилеп

Во еко акција за пошумување која се случи во околината на манасторот Свети Димитрија кај селото Селце беа засадени 500 багреми, чиј донатор е прилепчанецот Диме Велески. Вели дека на овој чекор се одлучил бидејќи пожарите и дрвокрадството уништија огромен дел од шумскиот фонд во прилепско и дека редни било да започнеме истиот да го обновуваме ако сакаме здрава животна средина.

„Наназад гледајќи дека пожарите си го однесоа своето, дрвокрадството исто, се помалку имаме шуми, а загадувањето си го прави своето. Така што јас и една мала група на пријатели одлучивме да започнеме со пошумување, барем колку толку да ублажиме. Сега сме мала група, но се надевам дека со текот на времето ќе бидеме и поголема група. Сега започнуваме и не мислиме да застане тука“, кажа Диме Велески, донатор на садниците.

Акцијата беше поддржана и од тимот на Златоврв кои секогаш се дел од ваквите акции кога треба да се заштити природата, шумите и планините кои се нивниот втор дом.

„Ние сме тука секогаш да помогнеме, како логистички така и со сите потребни средства со кои располагаме да придонесеме за подобар и позелен град“, додаде Дарко Неданоски, раководител на Спасителна служба „Златоврв“.

И од неформалната граѓанска иницијатива од Прилеп, ЕКО СВЕСТ најавија акции за пошумување во наредниот период.

„Истово ова да го повториме. Имаме мала количина на средства собрано за купување на садници, се надевам дека ќе се присоберат. Бидејќи овие дрвја мора да се купат, никој не ги дава без пари“,истакна Виктор Петроски, ЕКО СВЕСТ Прилеп.

На пошумувањето учество зедоа голем број граѓани кои велат дека ваквите акции треба да ги има се почесто и да имаат поголема поддршка од државните институции.

„Се разбира дека самите институции треба да ги даруваат овие садници како и се во ова општество, но досега како што знаеме сами се нема слух, така што во иднина ние како граѓани ќе започнеме да ги натераме институциите да се вклучат во заштита на природата подобро општество и подобар живот за сите нас“, истакна Крешимир Здравески, граѓански активист.

Но сите се сложуваат дека ако не се престане со масовната дива сеча во прилепско за која институциите се прават слепи со години џабе ќе бидат сите ако акции.

„За жал се повеќе и повеќе дрвокрадството и нелегалната сеча на шуми зема замав. Жална е таа слика кога ги гледаме планините сега и како биле истите пред 10 години, тоа е навистина жална слика. Буквално се сечат и најмалите дрвја, не се остава ништо, ниту тие мали дрвја кои потоа може да пораснат и да се прошири шумата“, истакна Неданоски од тимот на Златоврв.

„Но и самите граѓани со купувањето на тие крадени дрва го поттикнуваат дрвокрадството“, вели Велески, донатор на садниците.  

„Мора под итно да се стави крај на дрвокрадството. Џабе ќе бидат сите овие пошумувања ако ние го имаме сега тоа што го имаме како дрвокардство“, изјави Здравески, граѓански активист.

Акции за пошумување во прилепско се најавени и во наредните викенди се додека за тоа дозволуваат временските услови.