Македонија
12. January 2026 - 19:51

Екс директорот на Геријатрија идната недела ќе ја слушне пресудата за примање поткуп

Поранешниот директор на Геријатрија, Мухсин Арифи, кој е обвинет дека зел поткуп од 20 илајди евра, негира дека барал и примил пари за згрижување на пациентка. Во својот завршен збор пред судот, тој вели дека е наместен од жената која го пријавила случајот.

„Уште од првиот момент имаше сомнеж дека таа не ја кажува вистината и манипулира со сите само да ја постигне нејзината лукративна цел, а тоа е да се стекне со станот на пациентката“, изјави во судницата Мухсин Арифи.

Обвинителството побара судот да го казни екс директорот Арифи, бидејќи како што наведуваат, случајот отсликувал како корупцијата претставува глобална закана за општеството. Велат, во недостиг на докази, одбраната сакала да го дисквалификува сведокот кој пријавил дека директорот на Геријатрија барал поткуп за да згрижи пациент.

„Имавме прилика покрај сведочења и вербални докази, да прегледаме и материјал обезбеден со посебни истражни мерки, практично директни разговори помеѓу секој од обвинетите и сведокот кои што и да каже одбраната, наспроти тие докази, не може да бидат лага“, изјави Искра Хаџи Василева, Јавен обвинител во ОЈО ГОКК.

Одбраната пак смета дека, доказниот материјал на обвинителството не докажал вина кај Арифи.

„Имаше снимки, фотографии, но, тоа е основано сомнение. За да биде одредено лице осудено, треба тоа да се докаже надвор од разумно сомневање. Сето тоа што го видовме во текот на оваа кривична постапка, според нас остана на ниво на основано сомнение, а делеку од тоа дека беше докажано“, изјави Скендер Мехмети, Адвокат.

За случајот обвинет е и Блерим Амити кој ги зел ги парите од поткупот кои ги барал тогашниот директор на Геријатрија. Пресудата за двајацата обвинети, судот ќе ја објави идната среда.