Македонија
27. јуни 2023 - 12:22

Експертите тврдат: Не се проблем броилата – нема кој да се откаже од дел од профитот

Евтина дневна тарифа на електричната енергија од 14.00 до 16.00 часот нема да има уште долго време, смета економистот Ивановски, не поради тоа што треба време да се наместат броилата, туку затоа што некој од ланецот на производство и дистрибуција ќе треба да се откаже со еден дел од профитот.

-Прашање е дали ќе се најде начин да се договорат сите учесници во дистрибуцијата на електрична енергија за да се дојде до тоа. Меѓутоа, според мене, нема бргу да дојде до воведување на дневна евтина тарифа, можеби и до Нова Година, токму поради тоа што се работи за производ, електрична енергија, кој е еден вид монопол на пазарот- изјави Глигор Ивановски, економист. 

Договор помеѓу ЕСМ, МЕПСО, МЕМО и операторот за електродистрибуција треба да се постигне и за формирање на цената на струјата од 1-ви јули. Ивановски вели дека не е дискутабилно дека поскапување ќе има, туку за колкав процент.

-Сметам дека цената ќе расте, но целта е тој пораст да не биде енормен, да не дојде до намалување на приходфите на населението. Растот да биде во некој разумни рамки, 3 до 6 %, ако биде над тоа, веќе ќе биде осетно зголемување- додаде Ивановски

За задоволување на потребите на индустријата и домаќинствата, државата годишно увезува и до 30 % од потребните количини на електрична енергија, што значи дека во конечното дефинирање на цената ќе се земаат во предвид и берзанските вредности.