Македонија
11. April 2026 - 12:22

Ерусалимското платно - порта до светата земја и Христијанството

Тоа е порта кон светата земја. Слика на Христијанството. Ерусалимското платно, изработено од врвни зографи од Ерусалим ги краси ѕидовите на повеќе цркви и манастири во Македонија.

Тоа е потврдата на аџилакот на значајни македонски семејства кои последните два века тргнале на аџилак во Светата земја - Ерусалим и на гробот на Исус, враќајќи се дома со потврда на сопствениот аџилак, на статусот, на чувството за поинаков поглед на животот, на гревовите и себеоткривањето.

Завиткани во ролни, помалку тајно, аџиите од Македонија сакале светоста да ја пренесат дома.

Платното го покажувале секому и на крајот, главно, го подарувале на црквите и манастирите во Македонија.

Раритетен примерок од 1870 година на Ерусалимското платно со димензии 1,70 на 1,20 метри поседува Прилепскиот музеј. Во прилепската црква „Свето Благовештение“, Ерусалимското платно е двојно поголемо и 17 години постаро, а најстаро е во Трескавец, подарок од Манастирот Бигорски. 

Што значи Ерусалимското платно?

Нашата потрага по значењето и описот на ерусалимското платно стигнува до експертите кои допрва ќе го истражуваат. Засега ги документираат податоците кои фасцинираат.

-Ерусалимското платно во Галеријата на икони во Прилеп има историјат, не по неговото доаѓање во Музејот и во неговото презентирање. Потекнува, се разбира, од Ерусалим. Не е типично платно. Ги изработувале зографите во Ерусалим. Се изработуваат од еден метар, па до неодредена големина. Ова платно во Галеријата е со димензии 1,70 на 1,20 метри и потекнува од 1870 година. Во црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп Ерусалимското  платно е двојно поголемо и е постаро, датира од 1853 година, ја почнува приказната за Ерусалимското платно Мимоза Христоска, директорка на прилепскиот Завод и музеј.

-Платната ерусалимските зографи ги работат со посебна љубов. Се работат во посебни зографски училишта, работилници. За секое платно е интересен фактот што, кога ги гледате, е изработено од гипсан грунт врз платно. За тоа има причина. При пренесувањето, аџиите го виткале во ролна за лесно да го пренесат. И, честопати, поради тоа, Ерусалимските платна се оштетени на краевите, вели Христоска.

Ерусалимското платно - порта кон Светата земја и Христијанството

Платното претставува портата на светата земја. Ова е посебна, карактеристична христијанска уметност, која се издвојува од почетокот на 18-тиот се до 20-тиот век до кога егзистираат. Допирот на платното бил магичен.

-Ерусалимското платно во себе си ја носи целата христијанска религија. Кога одат на аџилак, аџиите го земале  платното и го носеле дома. Немале сертификати, како што сега има кога одат на аџилак во Ерусалим, па морале да донесат нешто за да го потврдат она Хаџи напред во своето презиме. Но, патот бил многу скап, долг бил временскиот период за да се појде во светата земја и да се вратат назад. Затоа, кога аџиите ќе се врателе, го поставувале на ѕидот во своите домови. Секој да го види, да го допре. И роднините, и соседите и со тоа да ги доближат до светата земја. Затоа, Ерусалимското платно е порта кон светата земја. Но она што не можеш да го видиш, а со самото допирање, го допираш гробот Господов, објаснува директорката на прилепскиот Завод и музеј, Христоска.

Сценските претставувања на самото Ерусалимско платно се различни. Може да има 10, но и 10 000. Сѐ зависи од големината на платното. Самите зографи имале страв од празен простор. На секој сантиметар од платното цртале сцена. 

Ерусалимското платно со библиски приказ во три делови

Платната секогаш се поделени на три делови со библиските сцени. 

Во централниот дел на Ерусалимското платно секогаш е претставен храмот во Ерусалим. Лево и десно се претставени Исус Христос и Богородица и сцените поврзани со нивниот живот. Во долниот дел на платното е циклусот празници. Претставува еден вид Библија. 

-Нашите Ерусалимски платна, во Македонија, се поврзуваат точно со влијанието кое го имаме со поствизантискиот период и го имаат тоа западно влијание со преземањето на графиките. Во горниот дел на платното секогаш е претставен Страшниот суд и, ако е поголемо платно, има старозаветни сцени, вели Христоска.

Не се знае од каде е донесено платното што е во Галеријата на икони во Прилеп. Се претпоставува дека е од околните цркви каде е донирано. Може да се рече дека дури во 90 проценти  во прилепските цркви има Ерусалимски платна.

Допирот на платното е тоа што фасцинира. Како да сте стигнале во светата земја.

-Аџиите Платната ги подариле на црквите за да останат за идните поколенија кои не може да појдат во Ерусалим, а да може да го допрат Ерусалимското платно и да ја добијат таа благодет што тие ја виделе или ја почувствувале при одењето во Ерусалим. Платното во црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп е неизмерно импозантно. Сцените се изработени со такви детали што се презентирани и старозаветни сцени. Дури, цели сцени, со детали се претставени на мал простор, со  големина на една монета од 5 денари, објаснува Христоска.

Денешниот аџилак за верниците е  духовно доживување. Денес многу верници одат на аџилак. Се враќаат со сертификат. Прилепчанецот Зоран Дамкоски кој со сопругата пред седум години бил на аџилак во Ерусалим, на гробот на Исус, вели дека тоа е духовно доживување.

-Аџилакот не е едно обично туристичко патување. Тоа, буквално, е внатрешно духовно доживување. Поточно, со самиот аџилак ние стануваме поблиски до верата, до молитвата, до духовното. Посебни се чувствата во црквата каде е гробот на Исус. Таму, додека стоиш и чекаш да се поклониш, чуваствата, емоциите се различни. Ве обзема тага, радост. Дури, размислувате подлабоко за животот. Размислувате да направите некои промени во вас. Сакате да донесете и поинакви одлуки. Всушност, енергијата околу гробот на Исус зрачи да нѐ промени нас, во суштина. За верниците значи дека можеме да ги почувствуваме сите чуда на Исус, возбудено објаснува прилепчанецот Дамкоски, нагласувајќи дека сега многу подлабоко размислува пред да ја донесе секоја одлука во животот.

 -Буквално, внимаваме да не грешиме свесно. Овој аџилак прави да бидеме подобри луѓе, смета Дамкоски. 

Ако денес се добива друг сертификат, Ерусалимското платно е неизбришливиот сертификат и потврдата за духовното доживување и себенаоѓање на човекот.

 

МИА