ЕУ и Советот на Европа договорија создавање тим за формирање на Специјален суд за агресијата врз Украина

Европската унија и Советот на Европа потпишаа договор за финансирање на тим за формирање на Специјален трибунал за кривичното дело агресија врз Украина, соопшти Европската комисија.
Задача на тимот ќе биде подготовка на институционалните, логистичките и организациските основи на Специјалниот трибунал, кој ќе дејствува во рамките на Советот на Европа и ќе има мандат да ги гони високите политички и воени лидери за кривичното дело агресија врз Украина.
Според високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, неказнувањето на злосторствата само охрабруваат идни злосторства, па затоа не може да има неказнивост.
– Ослободувањето на првите 10 милиони евра од страна на Европската Унија за помош во формирањето на Специјален трибунал за кривичното дело агресија врз Украина е конкретен чекор кон правдата. Руските лидери се одговорни за оваа војна и тие мора да бидат повикани на одговорност, порача Калас.
Генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе оцени дека овој договор претставува голем чекор кон обезбедување правда и одговорност за народот на Украина, без кои не може да има траен мир.
– Советот на Европа решително ќе работи заедно со Европската Унија и другите клучни партнери ширум светот за да ги почитува вредностите што ги сметаме за важни, да обезбеди почитување на меѓународното право и да се осигури дека насилството и неказнивоста нема да се толерираат, истакна Берсе.
Според еврокомесарот за демократија, правда, владеење на правото и заштита на потрошувачите Мајкл Мекграт, Специјалниот трибунал е од суштинско значење за обезбедување праведен и траен мир со тоа што Русија ќе биде одговорна за нејзината агресија.
– Не може да има траен мир без правда, ниту правда без одговорност. Сега се приближуваме еден чекор кон претворање на овие принципи во дела. Нашата поддршка за Украина е непоколеблива, рече Мекграт.
Тимот ќе треба да ги постави темелите за избор на судии и обвинители на Специјалниот трибунал, како и за утврдување на правилата за водење постапките и изнесувањето докази пред Судот, како и за систем на негово управување. Тој, исто така, ќе треба да ги поддржи ангажманите на засегнатите страни за да се зајакне поддршката за Специјалниот трибунал.
Како што најави Еврокомисијата, Европската унија ќе издвои 10 милиони евра за тимот преку Службата за инструменти за надворешна политика на Европската комисија.
МИА
Ново на Сител
-

Николоски: Апелирам до ЕУ, македонските превозници да бидат ослободени од новите правила за влез во Шенген зоната за да не трпиме економски штети
-

Собранието донесе неколку закони во рамките на 81. пленарна седница
-

Престанок на забраната за тешки товарни возила на патните правци Маврово-Дебар и Гостивар-Стража-Кичево
-

Велешанец лажно пријавил малтретирање од полицајци
-

54-годишник од кочанско покрај нива пронашол неексплодирана граната
-

Руте: Тензиите околу Гренланд не би требало да го одвратат вниманието на Европа и САД од Украина
-

АМСМ: Сите државни патишта проодни, се препорачува внимателно возење поради снег
-

Алиу: Предлог-законот го регулира пушењето на отворен јавен простор, каде што има присуство или движење на повеќе луѓе
