ЕУ ја поздрави одлуката за гласање за разрешување на градоначалниците Албанци во северно Косово

Шефот на Канцеларијата на Европска Унија во Косово, Томаш Суниог, го поздрави одредувањето на датумот (21 април) од страна на Централната изборна комисија на Косово (КИЦ) за гласање за разрешување на градоначалниците во четирите општини со мнозинско српско население во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Суниог на неговата официјална страница на платформата Икс напиша дека ЕУ го цени процесот на верификација на потписите од петицијата за разрешување на градоначалниците, како услов што го постави Владата на Албин Курти за нови избори во четирите општини, и очекува од ЦИК да создаде услови за слободно и фер гласање.
– Сега е од суштинско значење ЦИК да ги направи потребните подготовки за да обезбеди непречен процес и да создаде услови за слободно и фер гласање, напиша Суниог, нагласувајќи дека „ЕУ е подготвена да понуди поддршка во текот на овој процес“.
Централната изборна комисија на Косово вчера донесе одлука гласањето за разрешување на градоначалниците Албанци во четирите општини во северно Косово – Лепосавиќ, Звечан, Зубин Поток и Северна Митровица, во кои мнозинството го сочинуваат етнички Срби, да се одржи на 21 април.
Актуелните градоначалници, кандидирани од партиите на косовските Албанци, беа избрани на вонредните избори во април минатата година, кои беа бојкотирани од српската заедница.
Процесот на гласање за разрешување на градоначалник е објаснет во Управната инструкција на Министерството за администрација и локална самоуправа.
Гласањето за ова прашање треба да се одржи најдоцна 45 дена по потврдата дека е исполнета квотата од 20 проценти на потписници на петиција за покренување гласање за разрешување на градоначалниците.
Доколку 50 отсто плус еден од граѓаните заведени во избирачките списоци гласаат за смена на градоначалникот, тогаш се смета дека тој е разрешен од функцијата.
Потоа, резултатот се испраќа до претседателката на Косово, Вјоса Османи, која има законски рок од 30 до 45 дена да распише вонредни избори.
Во случај при гласањето да не се достигне бројката од 50 отсто, иницијативата се смета за неуспешна и, според управната инструкција, нова иницијатива може да се покрене дури по 12 месеци.
Минатиот април косовските Срби ги бојкотира локалните избори во четирите општини во северно од Косово, населено со мнозинство Срби, по што, со исклучително мала излезност на гласачите, победија кандидатите на албанските партии.
Влегувањето на новите градоначалници со асистенција на полицијата во општинските згради во Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток во мај минатата година предизвика протести на тамошните Срби, при што дојде и до судири меѓу демонстрантите и припадниците на КФОР.
ЕУ и САД побараа градоначалниците да поднесат оставки и да се организираат нови локални избори на кои ќе се гарантира учество на косовските Срби.
Меѓутоа, Владата на Албин Курти одби да ги разреши и донесе одлука вонредни избори да се распишат по гласање на избирачите за разрешување на актуелните градоначалници Албанци.
ЕУ и САД воведоа санкции кон Косово поради неисполнувањето на нивните барања и порачаа дека истите ќе ги укинат откако ќе се одржат демократски избори во северно Косово со учество на српското население.
Санкциите сè уште се во сила.
Ново на Сител
-

Одбележан денот на Алцхајмеровата болест
-

ОЈО Скопје отвори истрага за насилството врз гинекологот во поликлиниката „Букурешт“
-

Тема на денот со Ведрит Ибушоски, претседател на Здружение на радиолошки технолози на Македонија
-

Презентирани над 200 докази во случајот со Груби за злоупотреби во Државната лотарија
-

Уставниот суд ја отфрли иницијативата на Левица за платено политичко рекламирање, Левица обвинува за партизација на Судот
-

Судски совет: Се работи на расчистување на состојбите во Основниот суд Куманово
-

Амбасадорите за Норвешка, Бугарија, Шведска и Романија ги претставија дипломатските платформи во Парламентот
-

Од денеска Хрватска ќе издава визи за камионџиите
