Евалуацијата на повредените во “Пулс” ќе заврши до крајот неделата – досега прегледани 140 пациенти
Какви повреди имаат, како да продолжи лекувањето и колкумина од повредените во дискотеката “Пулс” во Кочани имаат потреба од рехабилитација здравствените власти ќе имаат прецизни информации до крајот на неделата. До тогаш треба да заврши поединечната евалуација на оние кои биле хоспитализирани во странство, но и во домашните болници.
Досега специјалистичките тимови прегледале 140 од околу 190 пациенти. Според препораките од британските експерти тие се поделени во 5 групи во зависност од потребите и како и каде понатаму ќе се третираат. Бидејќи најголемиот дел од повредените одат на преврски и рехабилитација во кочанската болница установата ќе биде засилена со кадар.
-Физијатри и физиотерапевти од ГОБ 8 септември и од Клиниката Козле ќе одат во Кочани, за да не ги носиме пациентите во Скопје, ќе продолжат таму да одат и специјалисти од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, рече Сашо Клековски, директор на ФЗО.
Неколку од повредените кои беа на лекување во софиската болница “Пирогов” сакале повторно таму да го продолжат лекувањето.
-Стапивме во контакт со Пирогов и за сега нема никакви пречки, но треба да се прецизираат некои детали, рече Клековски.
По реакциите на повредените и нивните семејства за лошите услови во кочанската болница, од Владата најавија дека подготвуваат план Кочани 2030-та кој ќе ја опфати и оваа здравствена установа.
-Тоа е проект во соработка со ЕУ кој ќе значи реконструкција на болници, изградба на нови спортски сали. Кога ќе ги има сите детали претседателот на Владата ќе биде прв кој ќе ја информира јавноста, рече Марија Митева, портпарол на Владата.
Два ипол месеци по најголемата трагедија во поновата македонска историја 9 потешко повредени и понатаму се на лекување во странство.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар