Европа е сè уште важна, но не е приоритет, се наведува во новата Стратегија за национална одбрана на САД

САД ќе останат клучен сојузник на НАТО и партнер на Европа, но како приоритет ќе ја постават одбраната на земјата и одвраќањето на Кина, според новата верзија на Стратегијата за национална одбрана на администрацијата на претседателот Доналд Трамп, која беше објавена доцна синоќа и цитирана од ДПА.
Во документот се наведува дека Вашингтон ќе продолжи да има централна улога во НАТО, дури и кога го менува своето воено присуство во Европа. Во него се додава дека „иако Европа останува важна, таа има помал и опаѓачки удел како светска економска сила“.
Во стратегијата се забележува дека иако САД остануваат посветени на Европа, Вашингтон „треба и ќе ја направи приоритет одбраната на татковината и одвраќањето од Кина“. Во Европа и другите региони, се очекува сојузниците да ја преземат водечката улога против заканите што се посериозни за нив отколку за Вашингтон, со „критична, но поограничена поддршка од САД“.
Вашингтон, исто така, ќе работи на „проширување на трансатлантската воено-индустриска соработка и отстранување на бариерите“ за трговијата со оружје меѓу САД и Европа, со цел максимално зголемување на „колективната способност за обезбедување на силите потребни за постигнување на одбранбените цели“, се вели во документот.
Стратегијата од 34 страници – прва од ваков вид од 2022 година – забележува дека Соединетите Американски Држави „активно и бестрашно ќе ги бранат интересите на Америка низ целата Западна хемисфера“.
Во документот конкретно се споменува пристапот до Панамскиот канал и Гренланд – само неколку дена откако Трамп изјави дека постигнал „рамка за иден договор“ за безбедноста на Арктикот со лидерот на НАТО, Марк Руте, што ќе им понуди на Соединетите Американски Држави „целосен пристап“ до арктичкиот остров – територија на сојузникот на НАТО, Данска.
Во новиот документ Кина – која администрацијата на поранешниот американски претседател Џо Бајден ја сметаше за главен противник – се смета за воспоставена сила во Индо-пацифичкиот регион која само треба да се одврати од доминација над САД или нивните сојузници.
Целта „не е да доминираме над Кина, ниту да ги задушуваме или понижуваме“, се забележува во стратегијата, додавајќи дека „не е потребна промена на режимот или друга борба“ со него.
„Претседателот Трамп сака стабилен мир, фер трговија и почитувачки односи со Кина“, се наведува во документот.
Пентагон, исто така, предвидува„поограничена улога“ во одвраќањето на Северна Кореја и префрлање поголема одговорност на Јужна Кореја.
САД ќе се фокусираат на создавањето и распоредувањето системи за борба против беспилотни летала и други современи воздушни закани, се наведува во стратегијата. Посебно внимание се посветува на имплементацијата на противракетниот штит „Златна купола“.
Вашингтон, исто така, има намера да спроведе модернизација на своето нуклеарно оружје од големи размери за да обезбеди ефикасно одвраќање и управување со ескалациите во услови на променливата глобална средина, се наведува во документот.
МИА
Ново на Сител
-

Забрана за камиони на Ѓавато, Пресека, Маврово – Дебар и Струга – ГП Ќафасан
-

Тошковски: Целта на „Безбеден град“ не е да казнува, туку да спаси човечки животи
-

Кузмановски: Мора да бидеме задоволни, иако посакувавме повисока победа
-

Со звукот на сирената Македонија ја совлада Романија на ЕП
-

Јанукович осуден на 15 години затвор за присвојување на државно земјиште
-

Македонските ракометари со предност од четири голови разлика на полувреме против Романците
-

Продолжи судењето против таткото на Васил Јованов, одбраната со забелешки за изведувањето на доказите
-

Пронајден возачот кој се снима како вози 293 км/ч и се фали на социјалните мрежи
