Loading Video...
Македонија
16. April 2026 - 16:58

Европа може да се соочи со недостиг на керозин: Колкави резерви има Македонија?

Европа би можела да се соочи со недостиг на керозин, ако Ормутскиот теснец не се отвори во следните три недели. Здружението на европски аеродроми вели дека снабдувањето е сериозно загрозено и изрази загриженост во пресрет на летната туристичка сезона. 

Персискиот Залив е клучен извор на авионско гориво и учествува со околу 50 проценти во европскиот увоз на керозин.

Паралелно, индустриската група „Авио-компании за Европа“ побара итни мерки од Европската Унија, меѓу кои: заедничка набавка на керозин, укинување на одредени даноци и увоз на авиогориво од САД.

Дополнителен проблем е што авионите не смеат да летаат над голем дел од Персискиот Залив поради безбедност, па мораат да кружат по подолги патишта, со што трошат уште повеќе гориво. Ова, заедно со скокот на цената на керозинот кој расте побрзо од цената на суровата нафта, веќе доведе до поскапување на авиобилетите и откажување на дел од линиите поради неисплатливост.

И Меѓународната агенција за енергија во својот последен извештај изнесе лоши прогнози. Доколку Европа успее да надомести само половина од загубените количини од Блискиот Исток, залихите ќе паднат на критичното ниво од само 23 дена веќе во јуни. 

Наспроти ова, Македонија има керозин за 90 дена, што е значително над законскиот минимум од 60 дена. Состојбата на македонските аеродроми е стабилна, оцени вицепремиерот и министер за транспорт.

- Имаме зголемена потрошувачка на керозин на двата аеродрома, што е добро затоа што тоа влегува и во прометот во државата, влегуваат девизи, а дополнително и аеродромот во Приштина се снабдува преку нас. Ние никогаш не ставивме блокада на снабдувањето, иако други држави тоа го прават. Доколку го направевме тоа, ќе требаше да се затвори аеродромот во Приштина. Со самото тоа што го правиме ова, јасно е дека состојбата е добра. Во согласност со законот, треба да има резерви за шеесет дена, ние имаме резерви керозин за деведесет дена, а дополнително на дневна основа тоа се надополнува, така што снабдувањето оди редовно и затоа немаме ниеден откажан лет од скопскиот и од охридскиот аеродром - рече Николоски.

Енергетската нестабилност во светот е последица на војната на Блискиот Исток. Иран го блокираше сообраќајот низ Ормускиот Теснец - стратешка точка низ која поминува околу 20% од светската нафта, керозин и гас. Иако од минатата недела е во сила кревко примирје, поморскиот транспорт сè уште не е нормализиран.