Македонија
29. January 2026 - 16:37

Европската унија допрва ќе го решава проблемот на камионџиите

Нема брзо решение за проблемот на камионџиите. Европската комисија во визната стратегија што ја усвои денеска, првпат призна дека има проблем кај професионални работници кои често патуваат меѓу земјите членки на Шенген, но допрва ќе се разгледуваат решенија. Изрично се наведени возачите на камиони, но и уметници на турнеи, спортисти и експерти што работат на проекти преку граница.

Во документот пишува дека постојниот систем е дополнително искомплициран со билатерални договори што одредени земји ги склучиле пред да стапат во сила шенгенските правила, а кои овозможуваат подолг престој само на нивна територија. Тоа значи дека правилата не се исти низ цела Шенген зона и се губи идејата за еден единствен систем.

- Комисијата ќе работи тесно со земјите-членки за да идентификува прагматични решенија за овозможување продолжени краткорочни престои за избрани категории на државјани од трети земји, обезбедувајќи безбедносна и економска корист за Унијата, како и правна јасност за патниците -  стои во документот. 

Коментирајќи ја новата стратегија, министерот за транспорт Николоски објави: „Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е тоа што го баравме. После протестите и силната офанзива изминатиот период, Брисел ќе донесе нова Стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи. Благодарам до сите пријатели на Македонија кои помогнаа со цел да се реши овој проблем!“

Засега не се знае дали оваа одлука ќе значи и прекин на блокадите на границите во Македонија. Асоцијацијата „Макам-транс“ попладнево на состанок одлучува за идните чекори на превозниците.

Камионџиите од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора од понеделникот ги блокираат товарните гранични премини поради новиот електронски систем за влез и излез од Европската Унија жалејќи се дека актуелните правила за престој од максимум 90 дена во период од 180 дена за нив не се применливи.