Македонија
17. January 2026 - 16:26

Филипче: На седница ќе го кажеме ставот за Законот за прекршоци

СДСМ се свесни за придобивките од Сејф сити но и натаму се загрижени за висината на казните и безбедноста на собраните податоци. Опозицискиот лидер на денешната прес конференција не откри дали ќе дадат поддршка на Законот за прекршоци кој идната недела треба да дојде на гласање.

Филипче смета дека донел исправна одлука да ја бојкотира лидерската средба бидејќи како што рече, не може да разговара со власта додека таа одбивала да даде одговори за темите кои СДСМ се обидува да ги наметне во јавноста.

Иако ги критикуваше останатите опозициски партии за тоа што соработуваат со мнозинството, сепак остави простор и неговата партија да се вклучи во разговорите на работните групи во Собранието поврзани со законите од реформската агенда.

На средина од неделава политичките лидери одржаа средба на која се договорија, работни групи во Собранието да разговараат за сите решенија кои беа заглавени поради потребата од двотретинско или бадентерово мнозинство.

Според информациите кои вчера ги соопшти премиерот, идната недела се очекува да помине Законот за прекршоци, кој е важен за Сејф сити и за кој треба поддршка од 80 пратеници, а собрнаискиот спикер Гаши најави дека истовремено може да се очекува договор и за народниот правобранител кој се гласа со бадентерово мнозинство.