Филипче не се откажува од техничка Влада, Мицкоски пак, не се откажува од лидерска средба
Филипче не се предомислува. Нема да оди на лидерскиот состанок кај Мицкоски, закажан за 14 јануари во Клубот на пратениците. Според него, секој што ќе се појави таму само ја легитимира власта која сака да избега од одговорност преку распишување нови предвремени избори. Не отстапува ниту од техничката влада, која, според него, претставува светлина и гаранција за фер и демократски избори.
И покрај тоа што нема да учествува на состанокот, Филипче вели дека СДСМ не бега од дебата, но таа, како што најави, треба да се води во Собранието. Иако не им се допаѓаат во целост реформските закони што ги предлага власта, тој вели дека СДСМ ќе ги поддржи. Сепак, според него, тие нема да го отворат евроинтегративниот пат на државата. Филипче оценува дека Мицкоски води анти-ЕУ политика и дека со своите потези ја провоцира Софија и Атина. Единствениот начин да започнат преговорите со Европската Унија, според Филипче, се итни уставни измени со кои Бугарите би станале дел од Уставот како заедница.
Тој информираше и дека не му се допаѓаат измените во Кривичниот законик, со кои се прави обид да се коригира грешката направена во времето на СДСМ и ДУИ, бидејќи, како што вели, казните за корумпираните функционери и понатаму се ниски.
Во контекст на изборниот процес, без опозициски министер за внатрешни работи, Филипче го проблематизираше и проектот „Сејф сити“, посочувајќи дека не е јасно кој ќе ги поседува и како ќе се користат податоците за движењето на возилата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, со ваквите ставови Филипче не одбива само лидерска средба, туку и дијалог и подадена рака за градење политички консензус за државните интереси.
„Го разбираме зошто е против реформите во правосудството и обвинителството. До коска е исплашен од расчистувањето на кадрите избрани од Бихаќка, кои го штитат од одговорност за криминалот со 20 отсто провизија за модуларните болници – криминал што во Тетово одзеде 14 човечки животи за само две минути. За тендерите за набавка на јаглен за ЕСМ од фирма која му подарила луксузен џип „Ауди“, за вакцините во ковид-периодот што сакаше да ги набави по цена двојно повисока од пазарната, и тоа од компанија за тропско овошје, како и за низа други случаи“, коментираат од партијата на Мицкоски.
Од ДУИ сè уште ја очекуваат официјалната покана од Мицкоски, пред да одлучат дали ќе присуствуваат на средбата во Клубот на пратениците и кои ќе бидат нивните барања.
Левица не потврдува учество на состанокот, но од партијата веќе имаат став за прашањата што премиерот ги најави за дебата на лидерската средба.
„Укинувањето на техничката влада за нас е прифатливо само доколку оди рака под рака со вистински, а не декларативни демократски реформи. За почеток, воведување една изборна единица како единствен начин секој глас да вреди еднакво. Вториот услов е укинување на политичката цензура и обезбедување еднаков пристап до медиумско претставување за сите политички субјекти.“
Коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ веќе се изјаснија дека во среда ќе присуствуваат на средбата во Клубот на пратениците.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
