Македонија
31. May 2026 - 16:29

Филипче: Преговорите за ЕУ зависат само од власта

Дали Македонија ќе ги продолжи преговорите со Европската Унија зависи исклучиво од власта, смета лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Тој и понатаму тврди дека токму затоа власта има обврска да го распише референдумот што тој го бара за уставните измени. Без конкретно да одговори дали СДСМ е сигурен дека уставните измени се последното барање од Софија и Брисел, Филипче одговори дека билатералните прашања не се дел од преговарачката рамка.

„Власта има обврска да распише референдум, затоа што нема право да го запре европскиот пат на земјата, затоа што излажа дека ќе обезбеди подобра преговарачка позиција и никогаш не кажа дека ќе го блокира европскиот пат на земјата. Дали ќе ги продолжиме преговорите зависи од власта. Оваа власт очигледно не сака. Ги плаши граѓаните дека се загрозени јазикот, идентитетот и не знам која друга идентитетска одредница на македонскиот народ, со цел да не се направи чекорот кој не носи никаков ризик, а тоа се уставните измени. Така што, билатералните прашања со која било земја-членка на Европската Унија воопшто не се дел од нашата преговарачка рамка. И тоа граѓаните мора да го знаат.“

Лидерот на СДСМ и понатаму обвинува дека власта ваквите анти-ЕУ потези ги прави во корист на други земји. Филипче на Конгресот на коалициската НСДП побара и окрупнување на опозицискиот фронт, со цел, како што вели, да биде поразена актуелната власт, а државата да се врати на европскиот пат.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека СДСМ игра за туѓи, бугарски интереси. Од владејачката партија му порачаа на Филипче да му пренесе на Радев дека Македонија без гаранции од ЕУ нема да спроведе уставни измени.

„Филипче на својот бугарски претседател нека му пренесе дека очекуваме испорака на пресудите од Стразбур. Македонија, поради лековерноста и погрешните политики на СДСМ, предводени од Зоран Заев и Венко Филипче, плати прескапа цена со промената на уставното име на државата. Затоа, овој пат уставни измени без јасни, цврсти и писмени гаранции, во форма на заклучоци од ЕУ, нема да има. Уцени и диктати, како што биле прифаќани досега, со новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема да има. Македонија и граѓаните немаат право повторно да бидат излажани. Нема повторно да се прават отстапки без гаранции, без заштита на националните интереси и без сигурност дека тие отстапки навистина ќе значат напредок во евроинтегративниот процес.“

Премиерот Мицкоски вчера порача дека е загрижен од ставовите на новата бугарска влада по однос на македонските евроинтеграции. Тој смета дека Софија врши уцени и политички притисок во врска со уставните измени, но дека Владата нема да ја игра таа игра и дека, без отстапки од Бугарија, нема да преземе ништо, независно од политичката цена.