350 илјади евра можеле да ги заштедат родителите на Ристов?
Одбраната на апелацискиот судија Ѓоко Ристов со финансиско вештачење ќе докажува дека соѕиданите 350 илјади евра, можеле да ги заштедат неговите родители. Анализата на нивните банкарски сметки се уште не била готова, па наместо денеска, извештајот ќе биде презентиран на следното судење.
„Економското вештачење треба да покаже она што го покажа и вештачењето на обвинителството, донекаде се совпаѓаат, дека е сосема можно толакви пари да заработиле таткото и мајката на Ѓоко Ристов и да имале можност истите да ги издвојат. Тоа и вештакот на обвинителството го кажа. За шест години заработиле 975 илјади евра“, изјави Ѕвонко Давидовиќ, Адвокат на Ѓоко Ристов.
Во одбрана на судијата Ристов нема во судница да застане бизнисменот Љупчо Пецов – Ѓаволот. Одбраната не можела да го пронајде, па го известила судот дека тој нема да сведочи. Во доказите со кои се брани судијата, денеска беше предложено правно мислење на професорот Гордан Калајџиев во кое тој наведува дека Ристов не може да се гони за злоупотреба бидејќи тој не располагал со државни пари.
За обвинителството, таквиот доказ немал никаква вредност.
„Тоа е правно мислење за кое е ангажиран и правното мислење е дека судија не може да биде опфатен со законско битие на ова кривично дело, бидејќи истото се однесува на службено или овластено лице кое располага со државен капитал, ништо од тоа не е судот“ изјави Ѕвонко Давидовиќ, Адвокат на Ѓоко Ристов.
„Правните мислења дадени како нечиј авторитет, навистина не го врзуваат судот и навистина е несериозно да се воопшто користат овој тип на докази, кои во суштина и не се докази“, изјави Искра Хаџи Василева, Јавен обвинител во ОЈО ГОКК.
Во меѓувреме, Василева која беше избрана на шеф на одделението за гонење на организиран криминал и корупција најави ефективен прогон и отпорност на притисоци. Прашана што ако добие телефонски повик од премиерот, вели, дека според закон не е спорно институциите да соработуваат, но потсетува дека обивнителите работат според докази, а не ургенции.
„Институциите не е ништо спорно да соработуваат и тоа е веројатно исто така што е нешто природно и се случува секаде. Ако мислите на некакви интервенции или ургенции, тоа е веќе друго прашање. Се разбира дека ние сме самостојни според Уставот и одлучуваме врз основа на право, факти и докази“, вели Хаџи Василева.
Судењето за Ристов продолжува на 20 ноември.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
