Филипче: Самитот во Тиват испрати јасен сигнал дека западниот Балкан припаѓа во ЕУ
Македонија не треба да ја испушти шансата за ЕУ по јасните пораки на европските челници од Тиват и новите механизми кои се нудат за приближување кон полноправно членство, оценува опозицискиот лидер Венко Филипче. Според него по Самитот, паѓаат во вода лагите на владата дека Брисел нема намера да дозволи влез на нови членки.
Побара Мицкоски јасно да каже кој е планот на државата по позитивната реторика од Тиват и пораката дека Унијата е отворена за проширување.
Дека интеграцијата во Унијата е важна за регионот се согласиле и европските социјалити и сестринските партии од соседството, кои на покана на СДСМ од Македонија ја промовираат „Скопската иницијатива“. Заеднички ќе делуваат за зајакнување на борбата против корупцијата и забрзување на европската интеграција на Западен Балкан.
Скопската иницијатива му претходи на утрешниот Конгрес на СДСМ на кој Филипче треба да ја претстави и партиската програма.Не сакаше да одговори дали тоа е дел од подготовка за ново изборно соочување. Како дел од програмата ќе биде презентиран и Фронтот за вистина и правда со кој опозицијата ги поврзува политичките субјекти и поединци обединети околу вредностите за Европска Македонија.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
