Македонија
12. January 2024 - 16:35

Финансиска полиција и трудов инспекторат ги „чешлаат“ М-НАВ и синдикатот

Трудовата инспекција и Финансиската полиција ја проверуваат документацијата во Македонска навигација. Проверките на Финансиска се чуваат во тајност и оттаму не даваат детали за истрагата.

Но трудовите инспектори веќе втор ден собираат документација од М-НАВ. Инспекторите ги прегледуваат четирите огласи за 21 работно место. 17 од нив се пополнети, па сега се проверуваат досиеајата на 17-те нововработени. Инспекторатот ќе проверува и зошто не биле пополнети останатите четири места.

-Колегите се и вчера и денес, вршат вонреден инспектициски надзор кај работодавачот М-НАВ. Се работи за детална документација која треба детално да се проверува и анализира и после тоа ќе можеме да излеземе во јавноста со дополнителни информации, вели директорката на Трудовиот инспекторат, Весна Томовска.

Освен огласите, Инспекторатот ќе проверува и дали Синдикатот законски ја терал постапката за најава на штрајк.

-Се мисли на начинот на кој Синдикатот постапува, имајќи ги предвид одредбите од Законот за работни односи со кои се уредува начинот на функционирање на синдикалните организации, односно начинот на нивното делување, посебно во делот на одредбите за штрајкот. Во тој случај веќе надлежност има Државниот инспекторат за труд затоа што постојат согласно Законот за работни односи одредби кои ја дефинираат целата постапка од делот на почнување на штрајкот, вели Томовска.

Синдикатот на М-НАВ трипати најави штрајк, но не го реализираше. Последниот пат поради тоа што Владата ги исполни нивните најави за разрешување на раководството. Владата разреши двајца од тројцата директори, но од втор обид, со оглед на тоа што министрите доцна сфатија дека нивниот прв избор не ги исполнува условите за да биде извршен директор на Акционерското друштво во државна сопственост.