Македонија
18. March 2026 - 12:25

Формирано Собрание на млади во Прилеп, наскоро ќе се формира и Совет на млади

Во Прилеп се конституираше Локалното собрание на млади со кое во иднина ќе претседава Дино Релушкоски. Собранието е составено од млади кои се дел од граѓанскиот сектор, претставници на средните училишта и подмладоци на 3 политички партии. Собрание го распиша и јавниот повик на кој што до 25.03. ќе може да се пријавуваат членови за Советот на млади, кој ќе брои 9 мина, кој Совет потоа треба да добие верифициран мандат од Советот на Општина Прилеп и таму да ги брани ставовите на младите и нивната вклученост во креирањето на локалните политики. Младите велат дека на Прилеп му недостасуваат многу работи.

„Првенствено треба да имаме подобар пристап до високо образование, имаме само еден факултет во Прилеп, главната причина за заминување е или образование или финансии. Така што секундарно доаѓа здружувањето, да имаат младите можности за забавување, да имаат квалитетен живот во спортски поглед, во едукативен поглед, во меки или животно вештини“, истакна Дино Релушкоски, претседател на Локално собрание на млади.

Младите бараат тое тело да функционира реално, а не само на хартија.

„Да не биди само теоретски едно имагинарно тело кое го има само на хартија и кое ги исполнува законските норми и принципи. Се надевам дека тоа навистина ќе функционира, младите ќе може да бидат вклучени повеќе во донесувањето на политиките и одлуките на Општинта“, додаде Теодора Цветаноска, член на Локално собрание на млади.

„Да ги поттикнеме младите да учествуваат во социјалниот живот на општината, на заедницата каде се наоѓаат. Ние очекуваме што повеќе млади да се вклучуваат во овие процеси и да бидат глас на Општината“, рече Матеј Трајкоски, член на Локално собрание на млади.

Советот на млади е советодавно тело на Советот на општината и неговото постоење е предвидено со измените Законот за млади од 2020 година. 

„И ова е процесот со кој ги вклучуваме директно младите на одлуките и политиките кои ги креираме на ниво на Општина, а исто така и со тоа на ниво на држава. Значи ова е директно вклучување на младите при донесувањето на одлуките кои ги носат избраниците од народот“, изјави Гоце Бумбароски, раководител на одделение за јавни дејности и службеник за млади во Општина Прилеп.

„Овие мпади луѓе треба сериозно да се зафатат со работа и да ги креираат политиките за млади во општина Прилеп. Очекувам да си направат најдобар избор, има претставници како што треба според законот, тие се вклучени во Собранието“, истакна Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.

Советот на млади може да предлага точки и предлози до Советот на општината, да учествува во расправите, но нема право на глас.