Македонија
14. February 2026 - 16:32

Фотографии и обвинувања по најголемата заплена на марихуана

Нови партиски обвинувања по заплената на голема количина марихуана и отворањето на прашања за можна вмешаност на актуелни и поранешни функционери. Од ВМРО-ДПМНЕ објавија фотографија за која тврдат дека го поврзува лидерот на СДСМ со сопственик на фирма во која била запленета марихуана.

„Евидентно од сликата на која Филипче и Тони Котев стојат рамо до рамо, како петок и сабота, укажува на доброто познанство и соработката помеѓу нив. И наместо СДС и Филипче да прават замена на тези, и да бегаат од одговорност, треба да и одговорат на јавноста зошто се толку вознемирени и хистерични за заплената на овие 30 тони дрога? Дали стравот е испровоциран од инволвираноста на Филипче и Заев во наркотрговијата?“, вели Бране Петрушевски, ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата го повикуваат јавното обвинителство даги истражи наводите и евентуалните релации во случајот.

Од СДСМ пак одговорноста за како што велат, нарко скандалот, била кај актуелната власт. Според опозициската партија, молкот на премиерот, министерот за внатрешни и вицепремиерот биле потврда дека случајот води до врвот на Владата.

„Поминаа 14 дена и се уште нема одговор за најголемиот нарко-скандал во регонот, како 5 тони дрога поминаа преку македонската граница и кој ќе одговара. Сите молчат. Мицкоски, Тошковски, Николовски, Тарчуловски, Томовски... Па кој во власта дозволил толкава површина да се одгледува во Македонија? Зошто власта не направила ниту еден контрола на терен? Зошто не реагирала МВР, Здравство, Земјоделие, инспекторати“, се вели во реакцијата на СДСМ.

На почеток од месецов, полицијата и обвинителството во голема акција во Скопје и струмичко од фабрики за производство на медицински канабис, одземаа 40 тони марихуана. Акцијата следеше откако во соседна Србија беа запленети пет тони марихуана за кои тамошните власти рекоа дека влегла од Македонија.