Француските обвинители бараат седум години затвор за Никола Саркози

Француските обвинители денеска побараа седумгодишна затворска казна за поранешниот претседател Никола Саркози, кој поднесе жалба на првостепената пресуда за примање нелегални прилози за претседателската кампања од покојниот либиски диктатор Моамер Гадафи.
Саркози (71) е обвинет дека склучил таен договор со Гадафи пред претседателските избори во 2007 година за либискиот лидер да му помогне во финансирањето на неговата кампања.
За возврат, Саркози требало да му помогне на Гадафи да го обнови својот меѓународен имиџ откако Триполи беше обвинет за бомбардирање на авиони над Локерби, Шкотска, во 1988 година и над Нигер во 1989 година, во кои загинаа стотици патници.
Саркози, кој беше претседател на Франција од 2007 до 2012 година, постојано ја негираше вината, тврдејќи дека обвиненијата против него се политички мотивирани.
Тројцата обвинители што го водат случајот побараа од судиите да го прогласат Саркози за виновен по сите обвиненија, вклучувајќи корупција и нелегално финансирање на претседателската кандидатура во 2007 година, на која тој победи, објавува France24.
Обвинителите побараа седумгодишна затворска казна по обвинение за обид за добивање средства за кампања од Либија, како и за корупција, нелегално финансирање на кампањата и злоупотреба на либиските јавни средства.
Во септември минатата година, основен суд во Париз го прогласи Саркози за виновен по обвинението за криминален заговор, но го ослободи од обвинението за корупција и лично прифаќање нелегално финансирање на кампањата.
Еден од адвокатите на Саркози, Кристоф Ингрејн, им рече на новинарите дека неговиот клиент е невин.
„Немало финансирање за кампањата на Никола Саркози од Либија“, рече тој.
Пресудата се очекува на 30 ноември.
Доколку биде осуден, Саркози може да поднесе жалба само до највисокиот суд во Франција – Касацискиот суд.
Саркози помина три недели во затвор кон крајот на минатата година пред да биде ослободен во исчекување на жалбата.
МИА
Ново на Сител
-

Сиљановска - Давкова: Изборот во ЕКОСОК е значаен дипломатски успех за Македонија
-

Ѓорѓиевски: Очекувам од септември темата за отпадот повеќе да не биде третирана во јавноста на начинот на кој беше досега
-

Шји Џјинпинг ќе ја посети Северна Кореја првпат по 2019 година
-

ФФМ одговори на Шкендија: Нема повеќе како досега, правилата важат за сите без исклучоци
-

Угостителски услуги во мај на годишно ниво поскапи за 2,6 отсто
-

Француско-германски нон пејпер предлага постепена интеграција на Западен Балкан во ЕУ пред полноправното членство
-

Рокас: Заложбите од 2022 година треба да се спроведат, се надевам на контруктивност од соседите и ЕУ во наредните месеци
-

Со изведување материјални докази продолжува судењето против 13 полицајци за пожарот во „Пулс“
