Француско-германски нон пејпер предлага постепена интеграција на Западен Балкан во ЕУ пред полноправното членство

Во документот, со наслов „Нов поттик за проширувањето во пресрет на самитот ЕУ – Западен Балкан (5 јуни 2026) и самитот ЕУ – Молдавија (22 јуни 2026)“, се оценува дека „проширувањето останува една од најпривлечните понуди и највлијателни политички алатки што ги поседува Унијата“.
„Но на политиката на проширување ѝ е потребен нов поттик. Претстојните самити со Западен Балкан и Молдавија претставуваат можност што не смееме да ја пропуштиме. Нашата заедничка цел е да ја заокружиме Унијата како вистинска Европска Унија“, се наведува во текстот.
Според документот, потребно е воведување дополнителни стимулации во процесот заснован на заслуги и постепено поедноставување на сегашната методологија со цел да се овозможи побрза и подлабока интеграција врз основа на Копенхашките критериуми.
Франција и Германија предлагаат нов пристап ориентиран кон процесот, со намалување на прекумерно формализираните процедури и спојување одредени административни чекори. Дополнително, со согласност на земјите членки би се забрзало отворањето на сите релевантни преговарачки кластери кога тоа ќе го предложи Европската комисија.
Во документот се нагласува дека фокусот на земјите кандидати, Европската комисија и Советот на ЕУ треба да биде ставен на суштината на реформите, а не на процедурните прашања. Редовните меѓувладини конференции би можеле поефикасно да се користат за политичко насочување на процесот.
Како дел од новата претпристапна стратегија се предлага воспоставување систем на „градежни блокови“, што постепено ќе ги приближуваат земјите кандидати до Унијата. Тие би се надоврзувале на постигнатиот напредок, но би биле и реверзибилни во случај на назадување во реформите или непочитување на основните вредности и принципи на ЕУ.
Во документот се нагласува дека целта за полноправно членство останува непроменета и дека предложениот модел не претставува замена за членството, ниту продолжување на патот кон него, туку механизам за забрзување на интеграцијата.
Меѓу предложените мерки се:
– Заеднички состаноци на Европската комисија и членови на Европскиот парламент со претставници на земјите од Западен Балкан и Молдавија двапати годишно;
– Почести заеднички парламентарни комитети меѓу Европскиот парламент и националните парламенти;
– Учество на земјите кандидати во одредени точки од дневниот ред на неформалните состаноци на Европскиот совет и Советот на ЕУ како набљудувачи без право на глас;
– Учество на состаноците на Советот за надворешни работи по привременото затворање на Поглавјето 31, кое се однесува на заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика;
– Продлабочена соработка во безбедноста и одбраната, вклучително и учество во проекти на ПЕСКО, засилена соработка со Фронтекс, интеграција во Агенцијата на ЕУ за кибербезбедност и системот за рано предупредување за кибернапади;
– Поголемо учество во програмите на ЕУ, меѓу кои „Креативна Европа“, „Дигитална Европа“, „Еразмус+“, „Хоризонт Европа“, програмите за млади и механизмите за заеднички набавки;
– Секторска интеграција во единствениот пазар преку СЕПА, иницијативата „Роаминг како дома“, Транспортната заедница, енергетскиот пазар, системот за тргување со емисии, единствениот дигитален пазар, како и преку намалување на нетарифните трговски бариери;
– Доделување статус на прогресивен набљудувач на земјите кандидати во институциите на ЕУ;
– Можност за целосно учество на единствениот европски пазар според моделот ЕЕА+ (Европска економска област плус) по усвојување и спроведување на правото на ЕУ во кластерите од 1 до 5 и привремено затворање на соодветните преговарачки поглавја.
Документот предвидува секој следен чекор да биде условен од исполнување конкретни критериуми и стандарди, со што постепената интеграција би се темелела на принципот на заслуги и мерлив напредок.
МИА
Ново на Сител
-

Презентирани над 200 докази во случајот со Груби за злоупотреби во Државната лотарија
-

Уставниот суд ја отфрли иницијативата на Левица за платено политичко рекламирање, Левица обвинува за партизација на Судот
-

Судски совет: Се работи на расчистување на состојбите во Основниот суд Куманово
-

Амбасадорите за Норвешка, Бугарија, Шведска и Романија ги претставија дипломатските платформи во Парламентот
-

Од денеска Хрватска ќе издава визи за камионџиите
-

Клековски: Имаме ситуации со луѓе кои се на боледување, а на Инстаграм се сликаат на одмор во Италија
-

Неопходни се рабони места кои ќе понудат баланс меѓу приватниот и професионален живот
-

Донирај текстови, документи и гласовни снимки за потребите на „Везилка“
