Македонија
19. February 2026 - 16:40

Функционерските плати нема да пораснат

За колку проценти пораснала просечната плата, за толку ќе се намалат коефициентите за функционерите. И годинава нема да се зголемуваат платите на премиерот, министрите, пратениците, судиите, обвинителите, градоначалниците..

Власта прво ќе ја чека пресметката на Државна статистика. Оттаму утре ќе објават колку изнесува просечната нето плата за 2025-та, а според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Стојаноски, веднаш штом се познати бројките ќе почнат да се работат законските измени.

- Секое друго решение е неуставно. Ние не сакаме да ја доведеме државата во ситуација да направиме закон којшто можеби е неуставен, потоа на Уставен суд тој закон да биде бутнат, и потоа одлуките на Уставниот суд да мора да се почитуваат како што дојдовме до тоа 78 процентно покачување на платите. Очекуваме можеби утре во Парламентот да го поднесеме тој пакет од 6 закони со којшто ќе треба да ги нивелириме функционерските плати со коишто ќе се гарантира дека ќе нема нивен раст – кажа Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме, законот на СДСМ за минималец од 600 евра влезе во собраниска процедура. Предлог-измените допрва треба да ги поминат комисиските филтри. Планот на опозицијата е преку кратење на две ставки од буџетот да се пренаменат пари за повисока минимална плата, но и за субвенционирање на придонесите на приватните фирми.

- Нема повеќе оправдување дека нема пари. Сите пратеници да дадат поддршка на Законот и да гласаат за 600 евра минимална плата. Без изговори. Без калкулации. Време е да се укине луксузот на власта, а работниците да добијат плати какви што заслужуваат – велат од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ останува на својот став.

- Ние не бегаме од дијалог за минималната плата, но решенијата мора да се носат институционално – во Економско-социјалниот совет, со одржлив пристап што ја штити и економијата и буџетот - истакна Стојаноски.

600 евра минималец е барање на ССМ и поради тоа веќе се одржаа блокади на Собранието, Стопанската комора и Владата. Синдикатите дадоа рок да се донесе одлука до крајот на месецот, а во спротивно најавија генерален штрајк во март.