„Гардијан“: ЕУ се обидува да покаже дека Западен Балкан не е запоставен на патот кон ЕУ

Украина и Молдавија добија статус на кандидат за членство во Европската Унија по руската инвазија на Украина во 2022 година, но Брисел сега се обидува да покаже дека Западен Балкан не е ставен во „бавната лента“ на европската интеграција, објави денеска „Гардијан“ по повод самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват.
Британскиот дневен весник наведува дека Црна Гора најмногу напредувала во процесот на пристапување и оти Подгорица се надева дека ќе стане 28-ма членка на ЕУ до 2028 година, што ги поттикна сегашните членки да размислат за воведување заштитни мерки за идните членки, како што е одземање на правото на вето неколку години, за да се спречи повторување на искуството на прорускиот поранешен унгарски премиер Виктор Орбан, кој постојано ги блокираше одлуките на ЕУ.
„Гардијан“ истакнува дека според Брисел следна земја која би пристапила во ЕУ е Албанија и покрај сомнежите на земјите-членки во нејзиниот напредок во борбата против организираниот криминал.
Во исто време, надежите на Северна Македонија, Косово и Босна и Херцеговина се оптоварени со внатрешни и надворешни политички спорови, додека на Србија се гледа како на оддалечување од ЕУ под водство на автократскиот претседател Александар Вучиќ, посочува британскиот весник.
– Регионот повеќе не е периферно прашање за ЕУ, туку стратешки приоритет. Самата војна во Украина фундаментално го промени разбирањето за тоа што треба да биде европското проширување и за што служи. Традиционалната логика на проширувањето на ЕУ беше усогласете се со вредностите и принципите на ЕУ и на крајот ќе станете членка, но статусот на кандидат доделен на Украина во 2022 година, за само четири месеци, покажа вистинска геополитичка итност каква што не сме виделе досега, изјави за „Гардијан“ истражувачот во Бриселскиот институт за геополитика, Фарук Башиќ.
Весникот посочува и дека лидерите на ЕУ се поделени околу тоа кога и како Украина треба да стане членка. Според неименуван дипломат германските предлози за придружно членство се замена за членството на Украина во ЕУ, што би ја направило таа цел „скоро невозможна“ за постигнување.
– Тоа ќе ја намали подготвеноста за движење напред и изнаоѓање решенија, истакна неименуваниот дипломат.
„Гардијан“ наведува дека начинот на кој се третира Украина најверојатно ќе влијае и на земјите од Западен Балкан.
МИА
Ново на Сител
-

Рождество на Пресвета Богородица – почетокот на сите празници
-

Променливо облачно, попладне локални врнежи и невреме
-

Волц: Нуклеарната закана од Иран ќе биде главна тема на обраќањето на Трамп пред Генералното собрание на ОН
-

Русија со дрон уби свештеник и рани неколку други во напад врз украински манастир
-

Безживотно тело најдено на Шар Планина
-

Полицијата приведе 19 возачи: 10 возеле пијани, осуммина без положен возачки испит
-

Димитриевски од Велес: Не влеговме во Владата за фотелји, туку за да испорачаме
-

17-годишна девојка загина во сообраќајка на патот Битола-Прилеп
