Гаши е за редовни избори, но не и за техничка влада

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на денешниот брифинг со новинарите истакна дека тој е поборник на идејата за одржување редовни избори.
- Јас сум поборник на идејата за редовни избори. Редовно носење на закони и редовни избори. Мислам дека, концептуално зборувам, ни недостига политичка и економска стабилност. Ако цело време правиме предвремени избори, креираме некоја политичка и економска нестабилност. Мислам дека треба да настојуваме да ги завршуваме мандатите и потоа граѓаните да нè ценат по тоа колку сме реализирале од она што сме го ветиле од програмата. Вака на половина мандат може да се каже не сме го завршиле мандатот. Јас сум поборник на идејата за редовни избори, но за тоа одлучуваат 61 пратеник и политичката волја на пратениците е таа што одлучува кога би оделе на избори - рече Гаши на брифингот по одржаната координација со координаторите на пратеничките групи.
Прашан дали треба да постои или да се укине пржинската влада, Гаши одговори дека како стабилна Влада и членка на НАТО не е угледно да се формираат технички влади за организирање предвремени избори.
- Колку што се сеќавам, тогаш ние само што ја формиравме политичката партија. Ако се враќаме назад, тоа беше ад хок решение за таа политичка криза да се надмине. Мислам дека како стабилна Влада, како членка на НАТО, не е угледно да формираме технички влади за организирање предвремени избори до толку што гледаме дека изборните процеси, особено последните, течат по ред, нема некои забелешки. Еве вчера поминаа избори, сите си честитаа, никој немаше проблем за победата - рече тој.
Смета дека не сме во делот на ризичните земји за имплементација на демократија и за реализирање избори.
- И јас не мислам дека сме созреана скандинавска демократија. Но, не мислам дека сме во делот во ризичните земји за имплементација на демократија и за реализирање избори. Мислам дека многу сме напреднале во тој дел - рече Гаши.
Спикерот Гаши информира дека на координацијата ги повикал координаторите на пратеничките групи да се усогласат за изборот на народниот правобранител и да се најде решение.
- Ги повикав координаторите на пратеничките групи да се усогласат со народниот правобранител ако можеме да најдеме решение. Немаше некоја забелешка за тоа. Никој не беше против, само ќе треба да се разговара во меѓувреме. Се надевам дека набргу ќе дојдеме до решение. Никој не го оспорува името на кандидатот за народен правобранител. Јас мислам дека ако почнеме нова процедура, уште толку ќе трае и нема никаква гаранција како на крајот ќе заврши затоа што и на новиот оглас не знаеме кој ќе се пријави. Влегувањето во таков процес ќе го ризикува процесот во целина - рече тој.
Според него, за ова прашање потребни се политички разговори на ниво на координаторите на пратеничките групи.
- Што се однесува до нас како Собрание, ние сме ја донеле процедурата до седницата и точката е на дневен ред. Штом има договор, веднаш ќе ја свикам седницата и ќе го гласаме. Ги повикувам пратеничките групи да се договорат. А дали ќе се договорат - тоа е до нив. Неколкупати сум рекол дека проблемот не е името, но веќе сега во јануари, со блокирана институција, ќе биде голем проблем ако се навратиме на нов оглас, нова постапка, тоа ќе биде голем проблем. Дали ние сакаме да го решиме проблемот? Времето нè гази - изјави Гаши и информира дека ако кандидатот се повлече, постои можност од пријавените други кандидати да се изврши филтрирање на нов кандидат за избор на народен правобранител.
Во врска со Изборниот законик, Гаши информира дека чека допис од министерот за правда Игор Филков за да може Собранието да ја формира работната група и да почне со работа.
- Чекаме писмо од нив и јас до пратениците ќе го доставам писмото, па пратеничките групи да предложат по двајца членови, да се формира работната група, па штом ќе дојде текстот, да почне со работа работната група - рече тој.
Во однос на изјавата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој на брифинг рече дека спикерот не пратил допис до анкетната комисија за трагедијата во Кочани и другите трагедии, Гаши потенцира дека не е точно.
- Не е точно. Ние сме ја донеле одлуката на седница. Пратеничките групи, според член 3 на одлуката, треба да ги достават предлозите до Комисијата за избори и именувања. Таму треба да се предложи состав и потоа да го изгласаме на пленарна - рече тој.
Гаши нагласи и дека тој настојува да повикува на носење закони по редовна, а не по скратена постапка.
МИА
Ново на Сител
-

Андоновски: До февруари ќе ги завршиме домашните задачи за „роаминг како дома“ во ЕУ
-

Чаби Алонсо доби отказ во Реал Мадрид
-

ЦУК: Состојбата со последните врнежи се следи и е стабилна
-

Распишана меѓународна потерница по 18-годишникот кој смртно прегази жена кај ТЦ „Беверли Хилс“
-

Манчестер Јунајтед добива менаџер до крајот на сезоната
-

58-годишник ја убил својата мајка во Богданци
-

ДИК ги соопшти првичните официјални резултати од повторените избори за градоначалник во четири општини, тече рокот за жалби
-

Ристески: Се стабилизира пазарот на јајца, цените намалени
