Македонија
6. August 2025 - 16:45

Гаши ќе ги распише изборите петок или сабота, очекува фер и демократска атмосфера

Собранискиот спикер Гаши во петок или сабота претпладне ќе ги распише локалните избори планирани за наесен.  Гласањето за општинските совети и првиот круг за избор на градоначалници ќе се одржи на 19ти октомври, додека пак, вториот круг за првите луѓе на општините ќе се одржи на 2 ноември.

-Изборите ќе бидат распишани на 8 или 9 август. Очекувам фер и демократски избори, достоинствена кампања, политичка култура, натпревар со идеи и визија, и посветеност кон граѓаните, потврди Гаши за Сител.

Партиите, кандидатите за градоначаланици и советници, треба да ги пријават во Општинските изборни комисии најдоцна 35 дена пред изборите.

Она што ќе биде карактеристика на нив, е што ќе нема независни кадидатури. Граѓанските инцијативи поради празнината што остана во Изборниот законик се приморани да регистрираат политички партии.

Зелен хуман храд, Независните од Карпош, Зелените од Гази Баба и Шанса за Центар од понеделникот веќе ги почнаа процедурите за регистрација и собираат 1.000 граѓански потписи за тоа.

Од ДИК, пак, појаснуваат нема ограничувања за тоа колку време пред изборите една партија треба да е формирана за да учествува на нив. За нив, релеватно ќе биде да се доонесе потврда за регистрација од надлежен суд, не постара од 6 месеци.

Но, токму поголемите партии кои не собраа сили во парламентот да ги направат потребните измени на Изборниот законик сега велат дека немале ништо против независните.

Од моментот на распишување почнуваат да течат и роковите за изборните дејствија. Се планира  кога ќе се распишат изборите да одржи седница на која ќе се дефинираат активностите.

Од ДИК велат дека се подготвени за избори, Избирачкиот список е ажуриран редовно – 4 пати годишно, но во моментот на распишување ќе побараат нова, последна верзија. 15 дена од распишувањето, Списокот 20 дена ќе биде ставен на јавен увид на граѓаните.