Газдата на „Пулс“ ги принудувал вработените да кријат неправилности од инспекциите и да глумат гости
Јавна тајна во Кочани било дека Дејан Јованов Деко имал заштита од луѓе во полиција и инспектори. Дискотеката и кафулето му работеле со нерегуларности, вработените не ги пријавувал, а кога ќе дознаел дека ќе доаѓа инспекција на непријавените кои работеле им кажувал да седнат на маса и да глумат гости.
Ова произлезе од сведоштвото на Ана Томова, која работела и во кафулето и во диското на Јованов, а била редовен гостин во Пулс и кога била малолетна. Обвинителството го читаше нејзиниот исказ, заедно со исказот на другиот сведок, бидејќи вештачењето утврдило дека не се во добра психичка состојба да сведочат во судницата. Одбраната на обвинетите се противеше и бараше да дојдат во судница и да ги испрашуваат. Судијката не одобри.
-Кога ќе куцневме на терминал, место фискална излегуваше сметка- испратница. Тие сметки ги чуваа келнерите. Тие ги викавме „црни пари”. Газдата Дејан беше опседнат со пари, нѐ тераше да работиме сѐ и сешто. Деко и во периодот кога бев пријавена во кафичот знаеше кога ќе има инспекции и ми се јавуваше еден да има секогаш таму, а непријавените се тргаа и седеа на масата како гости. Во диското не не пуштаа ако има најава за инспекции, а после 12 не пуштаа сите.
Една од трите прскалки пак кои се активирале на сцената за време на настапот на ДНК била кобна за катастрофалниот пожар. Групата ДНК на секој настап имала пиротехника, а како доказ Обвинителството во судницата презенираше повеќе настапи на групата во кои користеле прскалки во различни локали.
Задолжен за активирање на пиротехниката бил Мартин Атанасовски Буцо, кој загина во пожарот, а го има на неколку слики со далечинското за активирање. Чадот од пожарот немал од каде да излезе освен од покривот.
-Чадот и огнот не можат да се шират по страните, само нагоре, сметаме дека тоа е особено значајно не само поради неможноста за евакуација, туку и за кратките секунди што им стоеле на располаганје на лицата да се спасат, кажа обвинителот презентирајќи ги снимките од надворешноста на дискотеката, каде огнот е лоциран само на покривот, а чадот нема од каде да излезе освен од единствената врата во објектот преку која се спасувале сите.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
