Македонија
7. April 2026 - 10:47

Герасимовски: Почна реконструкцијата на улицата „Ленинова“, воведен привремен режим на сообраќај

Општина Центар ја започна реконструкцијата на вториот дел од улицата „Ленинова“, во должина од над 600 метри, на потегот од булеварот „Партизански одреди“ до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Како што информираат од Општина Центар, во моментов се реализираат првата и втората фаза од проектот, и тоа на делот од булеварот „Партизански одреди“ до улицата „Наум Наумовски Борче“.

На оваа делница е воведен привремен режим на сообраќај во траење од 30 дена, при што едната половина од коловозот е затворена за сообраќај, а движењето на возилата се одвива по другата половина од улицата.

Реконструкцијата на улицата ќе се одвива во повеќе фази, при што за време на асфалтирањето одредени делови ќе бидат целосно затворени, а сообраќајот ќе се пренасочува по соседните улици. Од Општината посочуваат дека ќе биде овозможен пристап за станарите до нивните домови, со рачно регулирање на движењето во координација со изведувачот, при што ќе се обезбеди непречен помин и за интервентните возила.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека реконструкцијата е дел од програмските определби за унапредување на патната инфраструктура во општината.

-Со реконструкцијата на вториот дел од улицата ‘Ленинова’ воспоставуваме континуитет со првиот дел од оваа сообраќајница. Предвидено е уредување на коловозот, тротоарите и пешачките патеки, поставување велосипедска патека и обновување на зеленилото долж целиот потег, со што улицата ќе добие поуреден и побезбеден изглед за сите учесници во сообраќајот, изјави Герасимовски.

Првиот дел од улицата „Ленинова“ беше реконструиран во 2023 година, на потегот од булеварот „Партизански одреди“ до булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, при што беа поставени нов асфалт, водоводна и атмосферска канализација, реконструирани тротоарите, поставено ЛЕД-осветлување и воведен резидентен паркинг. 

 

МИА

Ново на Сител