Гевгелија сама ќе произведува електрична енергија за комуналното претпријатие
Гевгелија сама ќе произведува струја за дел од потребите на комуналното претпријатие. За таа цел општината веќе започна проект за изградба на фотоволтаична централа. Централата е со моќност од 300 киловати и ќе биде поставена на бунарското подрачје на Мрзенската ада. Овој објект е одбран бидејќи важи за еден од најголемите потрошувачи на електрична енергија во гевгелиски Комуналец. Од општината, на ваков чекор се одлучиле откако лани сметките за струја во претпријатието се зголемиле за 39 милиони денари во однос на претходната година.
Според првичните анализи и физибилити студијата изградбата на фотоволтаичната централа треба да ги намали сметки за струја на гевгелиски комуналец за околу 30%.
Реализацијата на проектот веќе тече и според најавите од општина Гевгелија, за околу еден месец централата треба да биде ставена во употреба. За почеток приоритет е да се намалат сметките за струја во комуналното претпријатие, но не се исклучува можноста во иднина проектот да се прошири.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар