Г.г. Стефан: Со изградбата на „Свети Константин и Елена“ се надминавме себе си
Со изградбата на овој семакедонски, сеправославен храм се надминавме себе си. Овој нов молитвен дом со неверојатна убавина нека биде уште еден сведок дека нашиот народ продолжува да биде црквоградител и дека Македонија продолжува да биде земја храм, земја манастир и земја крст, рече архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан по денешното осветување на црквата „Свети Константин и Елена“ во центарот на Скопје.
Церемонијата почна утрово во 8:30 со ѕвонење на камбаната и траеше околу три часа.
Присуствуваа голем број верници, почитувачи на Македонската православна црква (МПЦ), премиерот Христијан Мицкоски, министри и други високи владини претставници, лидери на политички партии, градоначалници, академици, универзитетски професори, стопанственици, монаси, монахињи,...
-Овој храм убавец е радост за сите сетила и со него добиваме уште едно место во кое земјата се сретнува со небото и во кој временото станува вечност, а светите Константин и Елена на кои им е посветен овој молитвен дом, заслужуваат ваква убавина. Но, убавината на храмот не е цел сама по себе, таа, пред се, е водич кон Бог. Архитектурата, фрескописот, иконостасот и црквата служат за да ни помагаат да ги издигнуваме нашите срца кон небесните висини. Молитвените домови не се прават за да ја покажуваме нашата слава, туку за да бидеме близу до Бога, врвејќи го патот на прочистувањето на срцето и просветлувањето на умот. Затоа, не е доволно да ги осветуваме само храмовите, туку треба и ние себе си да се осветуваме во нив, не е доволно да се воодушевуваме на нивната убавина, туку треба и ние да ги разубавуваме нашите души во нив, потенцира г.г. Стефан.
Според него, храмот е местото во кое се крштеваме и венчаме, во кое се замонашуваме и ракополагаме и во кое се служат богослужби, но најмногу е место во кое се служи светата литургија.
-Ова здание ќе биде нем сведок ако не се исполнува со живи души. Изградивме храм со неверојатна убавина, но она што е најубаво во него е тоа што денес е исполнет со народ. Ќе повторам и сега, најубав храм е оној што е исполнет со верен народ, а денес, верувам, нема поубав храм од овој нашиов, па нека биде постојано така, да доаѓаме во храмот на секоја литургија и во секоја прилика за во осама да му се помолиме и да му заблагодариме на Бог, да го наоѓаме мирот и спокојот кој доаѓа одозгора. Да бидеме храмови што не можат да се урнат, храмови на вечниот живот, подвлече архиепископот Охридски и Македонски.
„Свечен чин, голема работа за православен народ, требаше да има црква во центарот на градот“, се само некои од реакциите на граѓаните за храмот „Свети Константин и Елена“ кои освен што ја следеа цеременонијата на осветувањето, имаат можност и да запалат свеќи.
-Ова е навистина голем чин, по толку години да се изгради овој храм. Здравје, среќа и многу љубов би посакал за сите на овој свечен ден, кога ја осветуваме црквата „Свети Константин и Елена“. Граѓаните ќе можат да дојдат тука во секое време, значењето е преголемо, одамна сакаме да биде отворен овој молитвен дом, за нас верниците ова е навистина мноу значајна работа, рече еден од собраните верници.
По завршувањето на осветувањето, беше соопштено дека МПЦ му доделува Орден на Св Климент Охридски од прв ред на ктиторот Сашо Костовски и неговото семејство, со чија финансиска помош беше доградена црквата.
Осветувањето, освен внатре, граѓаните имаа можност да го следат и надвор од црквата каде беа поставени два големи видео бима. Церемонијата се снимаше и со дрон.
На церемонијата меѓу присутните беа и министрите Панче Тошковски, Гордана Димитриеска Кочоска, Стефан Андоновск и Весна Јаневска, а присуствуваше и лидерот на СДСМ Венко Филипче.
Изградбата на храмот почна во 2012 година и траеше 13 години. Работите беа интензивирани во 2024 година со што се комплетираа внатрешното уредување, надворешноста и околкниот простор.
МИА
Ново на Сител
-
Претставен Меморијалниот парк во Тетово во спомен на загинатите во модуларната болница | ВИДЕО
-
Поранешен кинески министер за земјоделство осуден на смрт поради корупција
-
Г.г. Стефан: Со изградбата на „Свети Константин и Елена“ се надминавме себе си
-
Романец со сила одзел златен ланец на лице во Ѓорче Петров
-
Кривична против 28-годишен скопјанец, в затвор му нашле марихуана
-
Го прекинале кабелот кој водел до електричното броило и направиле штета на ЕВН од 1.377.911 денари - кривична за две лица
-
Исчезнала 21-годишна девојка од Шуто Оризари
-
Здравствена работничка нападната пред угостителски објект од 24-годишна жена