Македонија
15. September 2025 - 19:32

Гиновска: Има надминување на дозволените вредности на гасовите во воздухот од пожарот во Трубарево, а за присуството на тешки метали ќе се знае во петок

Првичните резултати од мерењето на гасовите во воздухот од примероци земени на денот на пожарот во компанијата Ф-Групација во Трубарево покажуваат зголемување на сите параметри од два до три пати од дозволеното, а јаглерод моноксидот чија просечна вредност не треба да надминува 10 mg/m3, била 300 mg/m3.

Ова денеска на прес-конференција го истакна директорка на Државниот инспекторат за животна средина Ивана Гиновска, која заедно со министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, директорот на  на Управата за животна средина Игор Никовски и Ректорот на УГД и раководител на лабараторијата АМБИКОН, Дејан Мираковски информираа за првичните контроли и чекори кои се преземаат по катастрофалниот пожар во депонијата за електронски отпад.

-Во петок ќе знаеме какви тешки метали се дигнаа над Скопје, а од гасовите има прелиминарни резултати кај кои има надминување на дозволените вредности. Поставени се мерни станици за да го следиме дневното ниво да се следи квалитетот на воздухот за да се знае колку се безбедни граѓаните во близина на пожарот, истакна Гиновска.

Директорката потенцираше дека до петок од акредитираната лабораторија ќе бидат достапни резултатите за мерењата за тешки метали во воздухот кои биле земени истиот ден кога избувнал пожарот, а дополнително кога ќе се создадат услови ќе се направи контрола на водата и почвата.

Директор на Управата за животна средина Игор Никоски информираше дека компанијата Ф-Групација имала дозвола која е издадена на 12 мај 2021 година со важност до 12 мај 2026 година. 

-Има одобрен елаборат за животна средина од 19 февруари 2021 година согласно елаборатот на 7 мај 2021 година, стручни служби од Управата на лице место констатирале дека Ф-Групација може да започне со работа. Тоа се првични инфоирмации. Станува збор за отпад од електрична и електронска опрема, електрични батерии, акомулутари. Согласно дозволата, компанијата имала право да третира до 20 тони неопасен отпад и до 500 килограми опасен отпад во еден ден, односно за 24 часа, истакна Никоски. 

Ректорот на УГД и раководител на лабараторијата АМБИКОН, Дејан Мираковски  информираше дека наредната недела треба да ги имаат првичните резултати од мерните станици за квалитетот на воздух, коишто вчера ги поставиле во скопско Трубарево. Појасни дека се поставени два уреди, коишто континуирано, 24 часа, наредните пет денови ќе земаат проби од честичките кои подоцна ќе бидат анализирани. Едната мерна станица се наоѓа на педесеттина метри, а втората е на стотина метра од складиштето за рециклирање на електронски отпад и пластика, на компанијата Ф-Групација во Трубарево, кое изгоре во саботата. 

МИА