Ѓорѓиевски: Една година без нашите ангели, сè уште е тешко да се поверува дека ни се случи ваква трагедија

Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски денеска упати сочувство до семејствата на загинатите во дискотеката „Пулс“ во Кочани велејќи дека и по една година, сè уште е тешко да се поверува дека се случила ваква трагедија.
- Некои празнини времето никогаш не успева да ги пополни. Некои рани, колку и да минуваат денови, месеци или години, засекогаш остануваат во срцето на еден народ. Денес се навршува една година од најцрниот ден во поновата историја на Македонија. Една година без нашите ангели. И колку и да поминува времето, сè уште е тешко да се поверува дека ни се случи ваква трагедија. Не требаше да се случи. Не смееше да се случи. Болката не е само на семејствата. Во сите нас е. 63 неостварени соништа, љубови, иднини. 63 семејства, кои засекогаш останаа завиени во црно - напиша градоначалникот на својата фејсбук-страница.
Тој додаде дека ова е огромна рана, празнина што засекогаш ќе остане во колективната меморија на народот.
- И знам дека не постојат зборови доволно силни да ја ублажат болката на оние што во таа кобна ноќ ги изгубија своите најмили. Зашто најтешко е сознанието дека оној за кого си дал сè, кого си го сакал најмногу на светот, повеќе го нема. Кочани не смее да биде само сеќавање на трагедија. Кочани мора да биде предупредување. Потсетник дека како општество мораме да се обединиме, да бидеме посолидарни, поодговорни и похрабри за никогаш повеќе да не дозволиме ваква болка повторно да ја снајде Македонија - се наведува во објавата на „Фејсбук“.
Тој упати искрено и длабоко сочувство до семејствата на загинатите додавајќи оти нивната болка ја чувствува и ја споделува како татко, како сопруг и како човек, кој денес тагува заедно со целата држава.
- Деца златни, почивајте во мир. Вашите имиња и вашите насмевки засекогаш ќе живеат во нашите срца. Вечна ви слава - напиша Ѓорѓиевски.
МИА
Ново на Сител
-

Цената на нафтата расте по обраќањето на Трамп за Иран
-

НАСА ја лансираше мисијата Артемис II, прв лет со екипаж кон Месечината по повеќе од половина век
-

Трамп: Војната во Иран ќе заврши многу брзо, исклучително силни напади во наредните недели
-

Возел во спротивна насока, а кога бил запрен му се заканувал на полицискиот службеник, приведен вработен во МВР
-
Без струја делови од Илинден, Кисела Вода и Центар
-
Облачно со дожд, на повисоките местa и снeг
-

Трамп: Американските сили ќе се повлечат од Иран „многу брзо“
-

Алиу: Предлог-законот за заштита од пушење наредната недела на Влада, синхоринизирани сме со сите институции
