Македонија
16. February 2026 - 18:54

Ѓорѓиевски: Градежните активности се одвиваат во полн ек

Градежните активности се одвиваат во полн ек, речиси насекаде низ градот, како јасен доказ дека дадениот збор - станува дело. Со силна динамика и јасна визија, продолжуваме да ја модернизираме инфраструктурата и да создаваме услови достојни за граѓаните, објави вечерва на неговата Фејсбук страница, скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

- Во тек е втората фаза од реконструкцијата на улицата „Фрањо Клуз“, една од најважните сообраќајни артерии во општина Аеродром. По децении запоставеност, оваа улица добива нов, двослоен асфалт, нови рабници и целосно уредени тротоари. Создаваме безбеден, чист и функционален простор - и за возачите, за пешаците, но и за најмладите и највозрасните сограѓани, информираше градоначалникот.

Тој соопшти дека градежни зафати се одвиваат и на улицата „Никола Парапунов“.

- Интензивни градежни зафати се одвиваат и на улицата „Никола Парапунов“, каде поставуваме нови, пошироки и побезбедни тротоари, со подобрена пешачка пристапност и современо урбано уредување. Просторот добива нов лик, а жителите - услови што ги заслужуваат. Ова е новото време за Скопје. Време на работа, резултати и одговорност, додаде градоначалникот во објавата.

Од пролет, како што најави Ѓорѓиевски, со подобрување на временските услови, се започнува со реализација на клучните капитални проекти, што, нагласи тој, ќе донесат уште посилна инфраструктурна трансформација за подобра иднина, за поголемо достоинство и за квалитетен живот на сите скопјани.

- Продолжуваме решително и посветено за Скопје, додаде скопскиот градоначалник. 

 

МИА