Голем број прилепчани со замастен црн дроб поради нездрава храна и прекумерен алкохол
По повод Светскиот ден за борба против хепатитот граѓаните на Прилеп имаа можност на бесплатни тестови од мобилниот апарат на Клиниката за гастро ентерохепатологија за да проверат хепатит Б, хепатит Ц, ХИВ, рано дијагностицирање на канцер на хепарот, цироза, замастување и други болести поврзани со овој орган. Целта е да се подигне свесноста против овие сериозни заболувања кај граѓаните. Според проверените пациенти од хепар центарот истакнаа дека прилепчани треба да започнат да водат поздрав начин на живот, затоа што кај голем дел од нив биле откриени замастувања на црниот дроб поради дебелина и конзумирање на алкохол.
„Поголем процент на луѓе имаат поголемо замастување на црниот дроб претежно поврзано со алкохолна и неалкохолна природа. Тоа е замастување од храна, џанки фуд, и знаеме дека македонскиот народ по традиција е навикнат да конзумира добра кујна и малку повеќе алкохол со неа. Со тоа придонесува за поголема оштетување на црниот дроб со тоа што ние сакаме или не сакаме не сме свесни за тоа што го правиме. Квалитетот на живот треба да го подобриме во иднина, имаме такви можности, со ваква локална заедница и со вакви доктори кои ги имаме во наредниот период ни претстои една добра едукативна кампања за да го запознаеме населението во Прилеп и околината за овие заболувања“, истакна Милан Мишковиќ, хепар центар Битола.
Иницијативата за овие бесплатни тестови е на иницијатива на прилепската општа болница и директорот Кире Јоноски, кој истакна дека Прилеп е подрачје каде има доста заболувања на црниот дроб и дека и во иднина ќе се прават напори за што е можно почести вакви бесплатни прегледи.
„Поради тоа што Прилеп е ендемско подрачје на заболувања на црниот дроб, има голем број на пациенти со замастување на црниот дроб, со цироза, како и со хепатоцелуларен карцином, затоа реагиравме за да оваа акција биде и во Прилеп. Нашите граѓани масовно ја посетија акцијата и сакаме да кажеме дека ова е за подигнување на свеста за зачувување на црниот дроб“, изјави Кире Јоноски, директор на општа болница Прилеп.
„Нашите сограѓани имаат можност бесплатно да бидат испитани, има и еластографија која што е дополнителна метода, се она што нашиот град немал можност за една ваква брза дијагностика, со точност од преку 90%, сега тоа го имаме тука“, додаде Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
Овие услуги не се даваат во општата болница Прилеп, станува збор за нов апарат кој го има само на Клинката за гастро ентерохепатологија во Скопје.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар