Македонија
26. September 2025 - 16:44

Граѓаните бараат решение за Вардариште пред изборите – вчера повторно запалена депонија близу Арачиново

Решение за Вардариште пред, а не после избори. Револтираните граѓани од Аеродром и Гази Баба денеска продолжуваат со утринските и вечерните протести за изнаоѓање решение со депонијата. Велат дека надлежните со денови немаат слух за нивните барања.

Властите се на иста линија со граѓаните дека дислоцирањето на бездомните лица кои живеат кај Вардариште, за кои и постојат сомневања дека се потпалувачи на депонијата е трајно решение. Од МТСП велат дека веќе извршиле мапирање на лицата кои живеат во импровизирани услови во месноста Вардариште. 

Следува подготовка на Акциски план, со кој ќе бидат вклучени повеќе институции согласно нивните надлежности. Планот предвидува преземање конкретни чекори за дислокација на овие лица и обезбедување соодветни живеалишта, во согласност со нивното основно право на достоинствен живот и пристоен дом.

Истовремено, ќе се работи на нивна целосна реинтеграција во системот – обезбедување пристап до образование за децата, здравствена заштита и поддршка за вклучување на работоспособните лица на пазарот на труд, ни одговорија од МТСП.

Вчеравечер пак пожар на депонија близу Арачиново, повторно ги вознемири скопјани. Властите се сомневаат дека и овој пожар бил подметнат. Пожарникарите наишле на товорена врата, а во депонијата имало фрлено пакуван сончоглед кој горел со силен пламен.

Полицијата досега има осомничено над 40-тина пиромани.