„Гугл“, „Мета“ и „ТикТок“ ја тужат Калифорнија: Не сакаат ограничувања за деца под 16 години

Компаниите „Гугл“, „Мета“ и „ТикТок“ поднесоа одделни тужби против американската сојузна држава Калифорнија, со барање да се оспори Законот за заштита на децата од ризиците поврзани со социјалните мрежи, тврдејќи дека тој ги крши нивните права загарантирани со Првиот амандман на Уставот на САД.
Законот што треба да стапи во сила на 1 јануари 2027 година, им забранува на технолошките компании да им нудат на деца помлади од 16 години содржини што создаваат зависност, како и функции како бесконечно прелистување содржини и автоматско пуштање видеозаписи.
Компаниите ќе мора да преземат „разумни мерки“ за да спречат лицата помлади од 16 години да пристапуваат до таквите функции, што подразбира и проверка на возраста на корисниците. Законот во септември го потпиша гувернерот Гевин Њусом.
„ТикТок“ оцени дека станува збор за „очигледно неуставно ограничување на слободата на изразување“, со кое се загрозува долгогодишната практика на уредување и препорачување содржини врз основа на интересите на корисниците – практика што ја применуваат и книжарниците, телевизиските мрежи и стриминг-сервисите.
Компанијата соопшти дека на својата платформа веќе има воведено бројни безбедносни мерки за децата, додавајќи дека Законот го занемарува напредокот во заштитата на тинејџерите на Интернет, ја ограничува слободата на говорот и им го одзема на родителите правото да одлучуваат што е соодветно за нивните деца.
„Мета“ тврди дека Законот го крши Првиот амандман бидејќи ѝ овозможува на државата да диктира како идеите се организираат, прикажуваат и споделуваат со жителите на Калифорнија.
„Поради овој закон, би биле принудени или да отстраниме функции што помагаат содржините што ги гледаат тинејџерите да бидат соодветни за нивната возраст, или на илјадници тинејџери во Калифорнија да им го оневозможиме контактот со семејството, пријателите и нивните заедници“, се наведува во соопштението на компанијата.
„Гугл“ смета дека родителите се оние што треба да носат одлуки за своите семејства и посочува дека нуди низа алатки за родителска контрола и заштита.
„Законите со преширок опфат, како овој, всушност ги нарушуваат системите што ги изградивме за да им помогнеме на децата да пронајдат квалитетни видеосодржини соодветни за нивната возраст“, изјави портпаролот на „Гугл“, Хозе Кастањеда.
Технолошките компании се соочуваат со сè поголем надзор поради штетното влијание на нивните платформи врз децата, што резултираше со илјадници тужби поднесени од училишта, државни институции и поединци.
МИА
Ново на Сител
-

Проектот LERMS лансиран во Mакедонија
-

Преглед на вестите од светот
-

Осум дена притвор за двајца вработени на УГД-Штип
-

Следната недела надзорна расправа за работењето на Алта банка во Собранието
-

Димитриеска-Кочоска: Банкарскиот сектор во земјата е стабилен, законската регулатива е строга
-

СДСМ: Наместо оставка, Славески го заташкува скандалот со Алта банка
-

16 повредени во кочанската дискотека повторно оперирани од израелски и македонски лекари
-

Како до подобри социјални и здравствени услуги во Западен Балкан, но и Австријците научиле нешто од нас
