Гутереш вели дека „очигледно е време“ жена да застане на чело на ОН

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој треба да се повлече од функцијата на крајот на оваа година, уште еднаш даде јасна поддршка за тоа жена да го наследи на позицијата.
-Мислам дека очигледно е време за Обединетите нации да имаат жена на своето чело, рече Гутереш синоќа на својата традиционална новогодишна прес-конференција во Њујорк. „Немам никаков сомнеж во тоа“, додаде тој.
Гутереш е на чело на ОН од 2017 година, а вториот и последен мандат на португалскиот дипломат треба да заврши кон крајот на 2026 година. Наследникот мора да биде избран пред тој рок.
Во историјата на ОН, највисоката функција никогаш не ја извршувала жена.
-Но вистината е дека, без разлика дали во Обединетите нации или на лидерските позиции на најмоќните земји во светот, време е да видиме жени, рече Гутереш.
Генералното собрание на ОН го именува генералниот секретар по препорака на Советот за безбедност на ОН.
Претседателката на Генералното собрание, поранешната германска министерка за надворешни работи Аналена Бербок, исто така се изјасни во корист на тоа жена да го наследи Гутереш на функцијата и ги повика земјите-членки да номинираат кандидати до почетокот на април.
Досега е направена само една официјална номинација – Аргентина го предложи Рафаел Гроси, 64-годишниот шеф на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
МИА
Ново на Сител
-

Средба на Сиљановска-Давкова со романскиот претседател Дан: Добрите политички односи да бидат проследени со поширока економска соработка
-

Бујар Османи од Брисел: Европскиот пат е блокиран, Охридскиот договор се урива
-

АХВ од Тетово почнува со работилници за управување со популацијата на кучиња
-

Во април расчистени 2.750 кубни метри отпад од диви депонии во Скопје
-

Одбележување на 5 Maj - Денот на македонскиот јазик
-

Денес сончево и топло време
-

Собраниската Комисија за култура и туризам ќе одбележи 80 години од објавувањето на првата граматика на македонски јазик од Круме Кепески
-

Најмалку 21 загинат по експлозија во фабрика за огномет во Кина
