Одбележување на 5 Maj - Денот на македонскиот јазик

Денот на македонскиот јазик 5 Мај денеска со настани ќе го одбележат Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и собраниската Комисија за култура и туризам.
На настанот во Институтот поздравни обраќања ќе имаат директорката на ИМЈ, Елена Јованова-Грујовска, директорка на Семинарот за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, Кристина Николовска, и архиепископ охридски и македониски г.г. Стефан.
Пригодно излагање под наслов „Од црти и рески до кирилицата: патот на македонското писмо“ ќе има Борче Арсов, научен советник при Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје.
Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет на УКИМ ќе го одбележи Денот на македонскиот јазик со трибина на тема „Состојбите во современиот македонски јазик – македонскиот јазик во правните акти“.
Најавени се обраќања на Искра Пановска-Димова, раководителка на Катедрата за македонски јазик, Анета Дучевска од Филолошкиот факултет, Лидија Тантуровска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Матилда Саздова од Службен весник на РСМ и Татјана Трендафилова од „Академик“.
По повод Денот на македонскиот јазик, собраниската Комисија за култура и туризам денеска ќе одбележи јубилеј 80 години од излегувањето од печат на првата граматика на македонски јазик „Македонска граматика“ од Круме Кепески.
Поздравно обраќање на отворањето на настанот ќе имаат Саранда Имери-Стафаи, претседателка на Комисијата за култура и туризам, и Весна Бендевска, потпретседателка на Собранието, а тематски обраќања за важноста на изучувањето на македонскиот јазик во образованието, со осврт на граматиката на Кепески, ќе имаат пратеничките Даниела Христова, Иванка Василевска, Велика Стојкова-Серафимовска и Бисера Костадиновска-Стојчевска и универзитетските професори Димитар Пандев, Васил Дрвошанов и Јованка Кепеска.
Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), пак, по повод Денот на македонскиот јазик, денеска ќе организира работилница „Дигитални јазични ресурси за македонскиот јазик“.
Денот на македонскиот јазик 5 Мај се одбележува официјално од 2019 година, во чест на Решението на Народната влада на Федерална Македонија од 1945 за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо, откако на заседанието на АСНОМ во 1944 македонскиот е прогласен за официјален јазик во целата република. Македонскиот јазик е кодифициран и стандардизиран и со озаконувањето на првиот правопис, на 7 јуни 1945.
МИА
Ново на Сител
-

Британскиот амбасадор Лосон преку видео порака на македонски го честиташе Денот на македонскиот јазик
-

Авионска дезинсекција на скопската територија во четврток
-

УЈП: Над 860 илјади граѓани добија однапред пополнети годишни даночни пријави за 2025 година
-

Постигната спогодба меѓу Џастин Балдони и Блејк Лајвли во врска со тужбата за наводно сексуално вознемирување
-

Средба на Сиљановска-Давкова со романскиот претседател Дан: Добрите политички односи да бидат проследени со поширока економска соработка
-

Бујар Османи од Брисел: Европскиот пат е блокиран, Охридскиот договор се урива
-

АХВ од Тетово почнува со работилници за управување со популацијата на кучиња
-

Во април расчистени 2.750 кубни метри отпад од диви депонии во Скопје
