Гужвите на Богородица продолжуваат - Грција бара нови решенија
Продолжениот викенд во Македонија го стави на тест новиот европски систем за гранична контрола, отворајќи ја летната сезона со гужви, нервоза и повеќечасовни чекања на излез од државата.
Од вчера, земјава ја напуштиле над 13.000 лица, од кои најголем дел се упатиле кон Грција и Србија.
Најоптовареен е граничниот премин Богородица кон Грција, каде патниците сведочат дека за влез во соседната земја се чека со часови. Причината за забавувањето е новиот систем за евиденција на патници EES кој Европската Унија почна да го применува за граѓани од земји што не се дел од Унијата и Шенген-зоната.
По хаосот со долгите колони на Евзони, грчките власти најавуваат итни чекори за растоварување на граничниот премин, кој веќе е под сериозен притисок по воведувањето на новиот ЕЕС систем. За денеска се планирани теренски контроли на специјални тимови на премините Евзони кон Македонија и Кипи кон Турција, каде ќе се анализира како веднаш да се подобри протокот на патници и возила. За проблемот веќе имали состанокот во Солун, свикан од заменик-министерот за внатрешни работи а најавите се дека фокусот ќе биде ставен на брзи решенија, засилување на информатичките системи за побрза обработка, но и воведување привремени технички интервенции на самите премини.
И покрај тоа што асоцијации и здруженија за туризам од нашата земја побараа одложување на примената на новиот систем барем до крајот на летната сезона, кога најголем број граѓани патуваат кон грчките летувалишта, Грција не отстапи од одлуката. Грчкиот министер за заштита на граѓаните, Михалис Хрисохоидис, потврди дека до нив пристигнале реакции од Македонија и Србија поради долгите чекања, но потенцираше дека спроведувањето на европските безбедносни процедури е обврска што мора да се почитува.
Во вакви услови, дел од туристите од регионот веќе бараат алтернативи, вклучително и патување преку Бугарија, со цел да ги избегнат најфреквентните премини кон Грција.
Според анализите и предупредувањата на грчките медиуми, вистинскиот бран на притисок допрва следува во јули и август, кога туристичката сезона го достигнува својот врв, што може дополнително да ја усложни состојбата на граничните премини.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
