Христос се роди! Македонија го чествува Божиќ
Рождеството Христово ги наполни православните храмови ширум земјава. Во соборниот храм на светата литургија присуствуваа голем број верници, а и политичарите.
Христос се роди, навистина се роди со оваа честитка поглаварот на МПЦ ОА ги поздрави сите православни христијани.
Свештениците ги причестија верниците кои денеска ги завршија 40 дневните божиќни пости.
Декларативно сите се залагаат за обединување и простување. Такви се пораките од сите политичари.
Светлината на Божиќ нека се всели во нашите домови и донесе просперитет во целото општество. Да се почитуваме меѓу себе, да бидеме солидарни и да си ја чуваме татковината. Христос се роди! За многу години порача претседателот Пендаровски.
Божиќ е уште една прилика да се почувствуваат топлите прегратки, да се видат широки насмевки и да се чујат убави и благородни мисли на взаемна почит, разбирање, сочувство и солидарност, а тие се неопходни во овие времиња на предизвик за човештвото и светот воопшто. Нека нѐ водат позитивни мисли, нека бидат повод да правиме добри дела, заедно, и индивидуално.
Среќен Божиќ! Напиша собранискиот спикер.
Честитка за Божиќ на социјалните мрежи испрати и премиерот Ковачевски.
„Во духот на денешниот празник да се потсетиме на неговата симболика - да сакаме, да почитуваме, да простуваме, да помагаме и да подаваме рака на оние на кои им е потребна помош.Само со добрина во нашите срца и желбата за сплотеност ќе можеме да ги победиме разните искушенија пред кои сме исправени.“
Божиќна честитка по литургијата во Соборен упати и лидерот на ВМРО ДПМНЕ.
Подобро утре посака и градоначалничката на Скопје.
Улогата на црквата е да сплотува, но кај политичарите суетата и за овој празник надвладеа.
Иако присуствуваа на иста литургија во соборниот храм, премиерот, министерот за внатрешни работи, лидерот на ВМРО ДПМНЕ и градоначалничката на Скопје не си подадоа рака за празникот.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
