И пулмолози од Скопје ќе одат во кочанската болница - Од наредната недела почнува рехабилитацијата на Пониква за повредените од пожарот
Од наредната недела повредени од трагедијата во Кочани ќе почнат со рехабилитацискиот третман на Пониква. Секоја група ќе престојува таму по две недели и ќе ротираат цело лето. Со нив ќе има физијатри, физиотерапевти и медицински тим од кочанската болница кој ќе им биде на располагање 24 часа.
- Ќе имаат и психолошка подршка, работна и окупациона терапија, како и социјализација зашто сите ќе бидат на едно место. Ќе имаат можност да бидат на еден вид одмор и рехабилитација во воздушна бања а и ќе бидат блиску до градот за да бидат во контакт со семејствата и пријателите, вели д-р Катерина Мирчевска, директор на болница во Кочани.
Во кочанската болница во следниот период ќе одат и пулмолози од Скопје по барање на дел од повредените за да не мора тие да патуваат по стотина километри до главниот град. Тоа го пријавиле на отворената телефонска линија во Владата. А по реагирање на вработени за условите за работа но и на дел од лицата кои беа повредени во пожарот во Пулс, за десетина дека ќе стартува и реновирање на одделот за физикална во установата.
- Во понеделник и вторник е најавено и доаѓање на екипа од Бугарија а во соработка со фирмата од Германија за изработка на компресивна облека кои ќе земаат мерки. Паралено ќе има и 3 Д скенирање и тоа додека се зема мерки на втората група, такво скенирање на врат и лице за да можат да се третираат и тие лузни и сето тоа ќе им биде овозможено во болницата, вели д-р Мирчевска.
Повредените со изгореници на лицето и рацете не смеат да излегуваат на сонце а долг е процесот на физикални вежби и терапија за да ги повратат функциите на екстремитетите.
Речиси три месеци по големата трагедија во која загинаа 62 лица а 200 беа повредени, петмина се уште се на лекување во странски медицински центри.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар