Македонија
12. May 2022 - 12:33

Иако не е пуштен за сообраќај возачите веќе го користат патот Штип – Кочани

Втората делница од експресниот пат Штип – Кочани се уште се гради, но тоа не ги спречува возачите да го користат. На потегот од село Крупиште до с. Бања, Кочанско, коловозот го крстосуваат автомобили и тешки товарни возила, а неретко се на исто место со градежната механизација.

- Јас не возам по тој пат, зашто се работи. Гледам дека возила се движат, камиони од Скопје што транзитираат, а не треба зошто се уште не е пуштен официјално.

Не постои хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација и банкини, па секој вози колку што смета дека му дозволуваат условите на патот. На патот се приклучува кој каде сака, без при тоа да се води минимална грижа за својата, но и туѓата безбедност. Жителите на околните села се приморани да ги користат локалните патишта кои се во катастрофална состојба и кои допрва ќе се рерконструираат.

- Возилата ги искршивме по овие патишта. Нема од каде да одиме, а имаме обврски што мораме да ги завршуваме. Ние сме со сточарска дејност и нашата работа не чека и затоа треба што побрзо да се направи.

Од јавното претпријатие за државни патишта поставија знаци за забрането движење, па дури и песок на почетокот од делницата, меѓутоа возачите ги игнорираат предупредувањата. Доколку се случи сообраќајна несреќа, целата одговорност паѓа на несовесните возачи, а при брзина од над 100 км на час на пат во изградба, несомено е дека ќе има кобни последици.